Научници од Универзитетот во Централен Ланкашир, Англија открија огромна структура во вселената која е во форма на прстен.
Прстенот е со дијаметар од 1,3 милијарди светлосни години и се чини дека е приближно 15 пати поголем од Месечината на ноќното небо набљудувана од Земјата.
Астрономите го именуваа како „Големиот прстен“ кој е составен од галаксии и галактични кластери. Тие се на ставот дека структурата е толку голема што го става во прашање досегашното разбирање за вселената.
Прстенот не може да се види со голо око. Идентификувањето на галаксиите што се соединуваат во поголема структура одзема многу време и бара компјутерска моќ.
Според еден од водечките принципи во астрономијата ваквите големи структури не треба да постојат. Со ова се покажува дека целата материја непречено се шири во универзумот.
Иако ѕвездите, планетите и галаксиите се огромни купчиња материја во нашите очи, во однос на големината на универзумот тие се незначителни, а теоријата гласи дека не треба да се создаваат вакви големи облици.
Големиот прстен во никој случај не е првото прекршување на космолошкиот принцип и сугерира дека постои уште еден, кој допрва треба да се открие.
Според доктор Роберт Маси, заменик директорот на Кралското астрономско друштво, се зголемуваат доказите за преиспитување на она што беше централна штица на астрономијата.
„Ова е седмата голема структура откриена во вселената што е во спротивност со идејата дека космосот во најголемите размери е мазен. Ако овие структури се реални, тогаш тоа е дефинитивно поттик за размислување за космолозите и одобрување на тезата дека универзумот евоулирал со текот на времето“, изјави Маси.
Големиот прстен беше идентификуван од Алексија Лопез, докторант на Универзитетот во централен Ланкшир која исто така го откри и Џиновскиот лак – структура која се протега на 3,3 милијарда светлосни години во вселената.