Скопје не е единствениот град во Македонија каде што може да се купи стан. Според најновите податоци, се зголемува интересот за градење и купување станови во другите градови во земјата, кои нудат поголем квалитет на живот, пониски цени и можност за заработка од туризмот.
Во Скопје, атрактивните локации за градење на станбени објекти се исцрпени, а инфраструктурата е задушена.
Градежните компании се префрлаат на споредни локации, како Гази Баба, Ѓорче Петров, Сарај и Илинден, каде што нема доволно здравствени и образовни установи, зеленило и паркинг места.
Цената на квадратот во Скопје се движи од 800 до 1.500 евра, а во некои делови и над 2.000 евра.
Според архитектите, во Скопје има премногу празни станови, што говори дека се купува втор или трет стан за инвестиција. Но, падот на кириите во последен период покажува дека тоа не е добра идеја, бидејќи не се враќаат парите. Во Скопје годишно остануваат непродадени околу 3.500 станови.
Наспроти ова, во другите градови во земјата се забележува пораст на градењето на станбени објекти, што се потврдува и со статистичките податоци за издадени одобренија за градење.
Во текот на минатата година, најмногу се градело во Охрид, Битола, Кичево, Гостивар, Гевгелија и Струмица. Цената на квадратот во овие градови се движи од 400 до 800 евра, а во некои делови и до 1.000 евра.
Архитектите посочуваат дека ова е добра можност за купување стан во внатрешноста, бидејќи тие градови нудат поголема квалитет на живот, поубава природа, помало загадување и поголема можност за заработка од туризмот.
Експертите велат дека во Охрид, Штип и во Струмица може да се изнајмува стан за 200 до 300 евра месечно, што дури е повеќе од киријата во Скопје.
Тие додаваат дека државата треба да го поддржи градењето згради во внатрешноста, со дисперзија на здравствените и другите објекти и изградба на инфраструктура за поудобно и поквалитетно живеење.
Тоа ќе придонесе за намалување на процесот на иселување од другите градови и за рамномерен развој на земјата, порачуваат архитектите.