Авиокомпанијата „Визер“ ја заврши минатата година со рекорден број превезени патници (60,3 милиони), што е пораст од над 32 проценти во споредба со 2022 година. Во 2023 година, „Визер“ започна да лета на речиси сто нови линии, испорача 32 сосема нови авиони „ербас А321нео“, кои прелетаа 263 милиони километри.
Лани, „Визер“ стана избор на 2,2 милиона патници во Република Македонија, што претставува зголемување од 30 насто во споредба со 2022 година. Авиокомпанијата им нуди на патниците преку 30 линии до 15 земји од својата база во Скопје.
„Визер“ реализираше над 10 илјади лета до и од Македонија во 2023 година, а, во исто време, значително ги подобри оперативните перформанси, достигнувајќи 99,1-процентна стапка на извршени летови.
– Македонија е еден од клучните пазари во мрежата на „Визер“ и сме водечка авиокомпанија во земјата – изјави менаџерката за корпоративни комуникации на „Визер“, Тамара Никифорова.