Регрес за годишен одмор (К-15) плус празнични бонуси (дневници) вкупно во просек од 21.927 денари за само една година или колку една просечна нето плата, добиле вработените во секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација.
Во публикацијата за годишните трошоци на работодавците кон работниците објавена од страна на Државниот завод за статистика, издатокот по основ на К-15 отскокнува убедливо во овој сектор во однос на останатите гранки од економијата.
Овој сектор се издвојува во однос на другите и кога се споредува износот на 13-та плата кој е исплатен во 2017 година. Имено, вработените во секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација добиле во просек 27.159 денари на основ 13-та плата што ги става на 2-ро место веднаш по вработените во здравството.
По висината на К-15, следни се вработените во банките и осигурителните компании со 16.903 денари вкупно за регрес и празнични дневници.
Во секторот: информации и комуникации исплатени биле 11.982 денари на овој основ, а оние што се занимаваат со недвижнини добиле 11.510 денари. Вработените во секторот за водоснабдување добиле 11.368 денари, а на тие во образованието им биле исплатени 11.200 денари.
Работниците во индустријата вкупно од двете категории заедно земале само 8.670 денари, рударите добиле 10.816, градежниците 9.542, продавачите, дистрибутерите и останатите во трговијата – 10.317.
Докторите, медицинските сестри, болничарите и другите здравствени работници, заедно со социјалните во просек им било префрлено на сметка 9.478 денари по основ регрес и бонуси Здравствените работници земаат убедливо најголема 13-та плата со вкупна висина од 38.321 денари кај здравствените установи што ја исплаќаат.
Келнерите и хотелиерите добиле само 8.009 денари, администраторите примиле 6.205, а уметниците 7.431.
Годинава се очекува значителен пораст на регресот за годишен одмор кој до 31 декември треба да им биде исплатен на сите работници од приватниот сектор. Порастот ќе биде резултат на растот на просечната плата што автоматски ја поместува границата за минималната исплата на к-15.