Потрагата по работа е патешествие по кое поминале многумина. За некои може да трае само неколку недели, додека пак за други и неколку месеци, па и години. Тоа зависи од голем број фактори, меѓу кои искуството, образованието, вештините, контактите, позицијата, и на крајот, секако, среќата
Токму затоа, со цел да истражиме колку трае потрагата по работа на работобарателите во Македонија, во периодот од 2. до 16. ноември на порталот www.vrabotuvanje.com.mk објавивме анкета Колку време барате работа? Резултатите ќе ве изненадат.
Дури 43 отсто од работобарателите бараат работа подолго од 1 година
Потрагата за 328 работобаратели трае подолго од 12 месеци. Од коментарите на испитаниците може да се забележи дека голем дел од нив започнале да ја губат својата надеж за вработување.
“Никој не те цени ако немаш пријатели“, стои во еден од коментарите. “Од многу, многу апликации само од тројца работодавци имам добиено покана за разговор“, вели друг испитаник. “Во Македонија многу тешко се наоѓа работа, посебно за луѓето од ромска националност“, се надоврзува трет.
Втори на пиедесталот се работобарателите за кои потрагата трае од 1 до 3 месеци. Нив ги има околу 19 отсто или 142 од вкупната бројка на испитаници.
Веднаш потоа се и оние кои бараат работа повеќе од 6, а помалку од 12 месеци. “Жално е што повеќе не се ценат годините и искуството во работата. Денешните газди попрво би вработиле помлад, понеискусен за помалку пари со кој може полесно да се манипулира, отколку повозрасен и поискусен кој ги разбира законите. За кратко време ќе има повеќе газди отколку работници“, стои во одговорот на еден незадоволен испитаник. Тие се само 14 отсто од вкупниот број на испитаници.
За период од 3 до 6 месеци успеале да се вработат 12 отсто од работобарателите, а само 92 испитаници (12 отсто) успеале да најдат работа за пократок период од еден месец.
Во анкетата учествуваа вкупно 755 испитаници.