Хаосот со вадењето на лични документи на кои ќе стои новото име на државата Северна Македонија, ги расипа плановите на граѓаните и тие ги откажуваат патувањата. Од ова штети трпат граѓаните, но и туристичките агенции.
Граѓаните велат дека поради неажурноста на институциите испуштаат прилики да одат во странство.
„Во декември отидов во „Една точка за сите услуги“ да ми закажат термин за фотографирање на лични документи, но системот им беше паднат, по што морав да вратам телефонски да си закажам. Едвај ги добив и ми закажаа за втората половина на февруари. Потоа, бев поканета на настан во регионот, но секако дека не тргнав на пат, затоа што рокот на документите истекува. Исто, на интернет видов можност за посета на семинар во Словенија, кој ќе се одржи месецов, но јас немам шанси да добијам документи дотогаш и не ни аплицирав. Навистина е разочарувачки, од луѓето имаше многу поплаки на социјалните мрежи дека чекаат долго за да се сликаат за документи“, вели наша соговорничка.
Од агенциите додаваат дека ова е голем удар за нив и за нивното работење.
„Секако дека настануваат проблеми. Резервациите ги процесуираме во странство и се прават плаќања. Странците не ги интересира дали нашите власти се способни да ни обезбедат основни средства за патување. Сите агенции се соочуваат со истото. Не само што луѓето откажуваат, нема ни интерес. После две години се враќаме како во ковид периодот. Исто е, само што сега нема од надвор влијание, туку од внатре проблем. И за 8 -ми Март нема реализација, ни за Веглиден, ни за 1-ви Мај. И луѓето дојдени од странство како ќе си одат? Многу тешка ситуација. Ние се надеваме дека ќе се стабилизира, нема да можеме да издржиме затворени уште едно лето, ако се надеваме само на август месец“, објаснува Александар Чоневски од Игуана Травел од Скопје.
Истите проблеми ги чувствуваат и во внатрешноста.
„Имаме проблеми со патувањата. Тие што чекаат пасоши, не знаат кога ќе ги земат, несигурни се за претстојните патувања за празниците“, велат од Бран од Прилеп.