Де-инфлуенсерите претставуваат нов тренд во дигиталниот простор, спротивставувајќи се на традиционалните инфлуенсери, кои промовираат производи, услуги или начин на живот на социјалните мрежи.
Деинфлуенсерство е тренд на социјалните медиуми кој ги обесхрабрува потрошувачите да купуваат одредени производи за кои деинфлуенсерот утврдил дека се неупотребливи, неефикасни или не вредат за парите, вели Крис Руби, аналитичар на социјалните мрежи и претседател на Руби Медиа Груп.
Овој термин се однесува на луѓе кои го користат своето влијание на интернет за да ги критикуваат или изложат негативните аспекти на производите, брендовите или трендовите, честопати промовирајќи ја идејата за одржлива потрошувачка, етичко производство или транспарентност на брендот. Де-инфлуенсерите се популарни во Америка веќе неколку години, пренесува Банкар.ме.
Де-инфлуенсерите не само што обезбедуваат поинаква перспектива за производите и услугите што традиционалните инфлуенсери ги промовираат, туку имаат и значително влијание врз потрошувачите и брендовите. На своите следбеници им нудат, како што велат – „искрени оценки и мислења, често од лично искуство“, за производи или услуги кои ги сметаат за непотребни, прескапи или неетички. Овој пристап помага во формирањето на покритички став кон културата на потрошувачите и промовира поинформирано купување.
Деинфлуенсери има на сите социјални мрежи – од YouTube, каде што објавуваат видеа за неефикасноста на одредени козметички и други производи, до оние на Instagram или TikTok кои ја разоткриваат реалноста зад „совршениот“ начин на живот промовиран преку социјалните мрежи. Еден од познатите примери е започнувањето на кампањи против брзата модна индустрија, каде де-инфлуенсерите ги истакнуваат проблемите поврзани со етиката и одржливоста и промовираат алтернативни, поодржливи модни избори.
Една од најпознатите деинфлуензарки на TikTok е Џенифер Ванг, фармацевт во болница во Торонто, која е на социјалните мрежи од 2015 година, а популарноста ја стекна со нејзините OOTD (outfit of the day) фотографии на Инстаграм. Со текот на времето почнала да објавува видеа во кои го разобличува нискиот квалитет на скапите производи.