За термини за нов пасош се чека со месеци, фалат и обрасци, па за патување во странство ќе се чека долго.
Хаосот со пасошите продолжува, со стотици граѓани заглавени во неможност да ја напуштат Северна Македонија бидејќи патните исправи им се со важечки датум, но со старото име на државата Република Македонија.
Термин за сликање се добива, но оние кои утрово телефонски закажале сликање за пасош, термин добиваат за најмалку четири месеци.
„По повеќе од 100 повици на телефонскиот број за закажување во МВР, конечно добив оператор којшто ми закажа сликање за пасош на 3 јули во МРТВ“, ни раскажа Драган К. од Скопје.
Ако биде испочитуван процесот од минимум 20 работни дена за издавање, Драган пасошот ќе го добие во август, а дотогаш како и илјадници други граѓани нема да може да помине преку границите на Северна Македонија.
Но, дури и да се сликате за пасош, дополнителен проблем е што недостасуваат обрасци со новото име, па може чекањето да биде подолго од предвиденото.
Од Министерството за внатрешни работи (МВР) ни одговорија дека во моментов околу 100.000 пасоши се во процес на производство.
„Во однос на набавката на нови обрасци, од страна на МВР се прават континуирани напори фабриката доставувач со поголема динамика и во поголем обем да ги достави обрасците“, велат од МВР.
Некои држави дозволуваат влез со стари пасоши, но со нив не може да се излезе
Граѓаните веќе најавија дека ќе тужат бидејќи нема да можат да ја напуштат државата по 12 февруари.
Сепак, по неговата изјава Дојче веле цитираше дипломатски извори кои велат дека со пасошот без уставното име не може да се влезе во Германија.
Иако пасошите со старото име можеби се уште се во употреба во некои од европските земји, на пример од унгарската амбасада за Радио Слободна Европа ни посочија дека се уште немаат официјална одлука за ова прашање, односно дека нема известувања од владата во Будимпешта и дека чекаат известување и од македонска страна.
Тошковски денеска рече дека добил допис од Брисел дека Европската Унија нема да прави проблем доколку граѓани на Република Северна Македонија треба да патуваат со пасоши со старото уставно име.