Информацијата дека потрошувачката кошничка за едно четиричлено семејство во февруари 2024 година изнесувала 57.476 денари ја вознемири јавноста. Ова е зголемување од речиси 60 проценти во однос на јануари 2022 година, кога таа изнесуваше едвај 36.000 денари.
Оваа кошничка ги вклучува минималните трошоци за храна, облека, станарина, режиски трошоци, грижата за здравјето, транспорт, образование и други потреби.
Во исто време, просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во ноември 2023 година изнесувала 38.359 денари. Ова значи дека на едно семејство со само еден вработен му недостигаат над 19.000 денари за да може да преживее.
Ако семејството нема сопствен дом и плаќа кирија, тогаш ситуацијата е уште поалармирантна.
Според податоците, просечната цена за изнајмување на стан од 50 квадратни метри во Скопје изнесувала 4,5 евра за квадрат. Ова значи дека за стан од педесетина квадрати во Карпош, просечната месечна кирија е 250 евра, во Центар е 300 евра, во Кисела Вода 200 евра, во Гази Баба 180 евра, во Аеродром 250 евра, во Ѓорче Петров околу 150 евра.
Еден од оние кои се соочуваат со овие предизвици е Драган, 35-годишен скопјанец, кој работи како магацинер во една домашна компанија.
Тој живее со својата сопруга и две деца во стан од 60 квадратни метри во Карпош, за кој плаќа кирија од 250 евра.
„Со мојата плата од 38.000 денари, едвај можам да ги покријам основните трошоци за семејството. Киријата ми одзема скоро половина од буџетот, па морам да се ограничувам со другите потрошувачки. Не можам да си дозволам да одам на одмор, да купувам нова облека или да инвестирам во некоја недвижнина или некој бизнис. Секогаш се плашам дека ќе се појави некој непредвиден трошок, како болест, поправка на возило или дефект во станот. Животот под кирија е многу тешок и несигурен”, вели Драган.
Драган не е единствениот во оваа ситуација. Според истражувањата, голем е процентот на граѓани во Македонија кои живеат под кирија. Дури 78 проценти од анкетираните кираџии велат дека им е тешко да ги покријат трошоците за живот, а 54 проценти велат дека не можат да заштедат пари за купување на сопствен дом.
Како што стојат работите, најголема побарувачка за станови под кирија има во Скопје, Охрид и во Струга, а најмала во Струмица и Кочани.
Синдикалците апелираат дека државата треба да преземе мерки за подобрување на социјалната ситуација на граѓаните, особено на оние со ниски приходи и на оние што плаќаат кирија. Тие бараат зголемување на минималната плата и на минималната пензија, како и воведување на социјална карта и регулирање на цените на кириите.