Хаосот со замена на личните документи ги поремети и плановите на младите кои работат или треба да заминат да работат на брод.
Ако не поседуваат пасош со новото име на државата Северна Македонија, мораат да чекаат и се во неизвесност. Зоран Кочоски од Коузон вели дека имало 230 луѓе кои работеле на брод и требало да се вртат во земјава за да ги заменат пасошите. Како што објаснува, од таа бројка сега помеѓу 61 и 64 луѓе чекаат замена на личните документи. Сепак, странските партнери се чудат од неорганизираноста на нашите институции за вадење на нови документи.
„Имаме 40 до 50 луѓе кои треба да заминат да работат на брод, а не добиле нови пасоши. Тие луѓе се во голема неизвесност. Постои еден негативен набој. Можно е на дел од луѓето да им пропаднат плановите и сигурно ќе има и такви случаеви. Се работи за млади луѓе буквално од сите градови на Македонија. 95 отсто од луѓето со кои работиме се млади. Требаше да има кампања, да можат луѓето да се информираат навреме за важноста на документите, затоа што не сите следат медиуми редовно“, рече Кочоски.
На многу луѓе им пропаднаа и плановите за туристички патувања, одење на обуки и семинари.
„Тоа е реален проблем. Ако има сега некоја обука, јас нема да можам да одам, оти немам пасош. Имаше повик за во Грција, но ќе оди друго лице од организацијата кое има пасош“, вели Митко Шопов од „Планетум“ од Струмица.
Дел од граѓаните кои поседуваат бугарски пасоши, ги користат нив за патување додека не извадат нови македонски пасоши. Пред пунктовите имаше долги редици со луѓе кои чекаа да бидат фотографирани или да ги подигнат своите нови лични документи. Техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски пред неколку дена кажа дека фотографираните граѓани кои не добиле патна исправа се околу 105.000. Тој објасни дека овие луѓе би ги добиле пасошите за максимум месец и половина. Министерот кажа дека во текот на изминатите денови се направени презакажувања за дополнителни 56.000 лица кои претходно имале закажано термин за фотографирање за во јуни, јули или август.