До 15-20 отсто се намалени цените на многу производи во грчките супермаркети, според министерот за развој на Грција Костас Скрекас, откако во петокот беа воведени конкретни мерки за справување со инфлацијата во земјата, јави дописничката на МИА од Атина.
Во интервју за радиото „Реал фм“, Скрекас истакна дека го следат текот на цените, Министерството ги добило ценовниците од маркетите и има намалување на речиси 4.000 шифри на производи.
-Од 24.000 кодови што ги има еден супермаркет евидентирано е намалување на цените на 3.912 од нив. Одредбата за намалување на цената влијае, истакна надлежниот грчки министер.
Додаде дека со новите мерки е спречено покачување на цените и поскапувањата се намалени за 80 отсто.
-Имаме намалување на цените. Ги гледаме првите знаци на деескалација. Во однос на декември, намалувањето на инфлацијата на храната е околу 15-20 отсто, намалена е на под осум проценти. Од друга страна, во генералниот индекс, кај енергијата, средствата за лична хигиена, облеката и слично, таму имаме уште помала инфлација која е околу три отсто, објасни Скрекас.