Техничките служби, во јавноста познати како служби за хомологација, ќе ги доделуваат еколошките налепници за возилата врз основа на документите и годината на производство, а не со мерење на издувните гасови, велат од Министерството за економија.
Ова е одговор на прашањето како ќе изгледа самата постапка за еколошка категоризација, за која има многу нејаснотии, бидејќи предлог-законот што ја предвидува оваа новина дури вчера влезе во собраниска процедура. Јавноста досега претпоставуваше дека доделувањето на еколошката категорија и соодветната нелепница се доделуваат врз основа на измерените вредности за гасовите и честичките што возилото ги испушта.
„Постапката за еколошка категоризација на моторните возила, започнува со поднесување на барање со документација за возилото (сообраќајна дозвола, фотокопија од потврда за сообразност - СОС сертификат и други документи за да се утврди дека конкретното возило кога е произведено и кој ЕУРО стандард на емисии го исполнува) од сопственикот на возилото до техничката служба. Техничката служба ја разгледува доставената документација, ја утврдува еколошката категорија и издава потврда и еколошка налепница во соодветна боја. Техничката служба не врши мерење на емисии на гасови од моторот на возилото, туку прави идентификација на документацијата на моторното возило“, објаснија од Министерството за економија.
Процесот на измени на овој закон почна на 5 јануари годинава, а конечно Владата го достави законот во Собранието на 6 ноември.
Тројца владини министри или заменик-министри – Крешник Бектеши, Оливер Спасовски и Јани Макрадули на 8 и 10 ноември – ги најавија еколошките налепници како една од мерките што ќе придонесат за намалување на загадувањето на воздухот.
Како што за „Мета“ објаснија од Министерството за економија категоризацијата според новиот закон би се правела само еднаш и налепницата би важела сè додека не се смени законот или во возилото не се вгради уред за течен нафтен гас, или метан, со што возилото би можело да помине во повисока категорија.
„Категоризација се врши само еднаш пред регистрација на возилото или порано, кое зависи од сопственикот на возилото и категоризација не се прави секоја година“, одговорија од Министерството за економија на прашањето дали со новиот закон се очекува да се создаваат гужви.
Екологистите велат дека е бесмислена ваквата мерка, бидејќи кога веќе се прави категоризација тоа треба да биде врз основа на реалната состојба, односно да се доделува налепница врз основа на загадувањето што реално возилото го предизвикува, а не само врз основа на годината и моделот.
Целиот текст може да го прочитате на infomax.mk