Цените на омиленото овошје, бананите, се повеќе ќе растат како што се зголемува глобалната температура поради климатските промени, беше кажано на Светскиот форум за банани во Рим.
Форумот беше организиран со цел експертите да се справат со проблемите со кои се соочуваат одгледувачите на ова овошје, чиј недостиг се чувствува во Велика Британија, јавува Би-Би-Си.
Снабдувањето со банани може да се носи со краткорочните временски непогоди, но експертите предупредуваат на растечките закани од глобалното затоплување и болестите што тоа предизвикува побрзо да се шират.
Како што беше речено, најмногу главоболка предизвикува габичната инфекција на бананите, кои од Австралија и Азија се преселиле во Африка и Јужна Америка, а која најмногу ја шират поплавите и силните ветрови.
„Доколку не дојде до големо зголемување на понудата, предвидувам дека цените на бананите ќе останат релативно високи во годините што доаѓаат“, рече економистот на Светскиот форум за банани, Паскал Лиу.
Кавендиш бананите исчезнуваат
Габична болест се заканува да ги избрише бананите Кевендиш од лицето на Земјата. Некои научници генетски го модифицираат овошјето за да го направат поотпорно на болести, но најдобро решение за проблемот, некои веруваат, е фармерите целосно да го реновираат производството на банани и да престанат да одгледуваат само еден вид овошје.
Постојат над 1.000 видови банани, но луѓето најмногу јадат банани од Кевендиш (Musa acuminata) - дури 47%. Кевендиш доминира на глобалниот пазар на банани поради неколку причини. Прво, оваа сорта е отпорна на некои од главните болести кои ги убиваат бананите. Второ, има долг рок на траење и трето, земјоделците обично можат да одгледуваат повеќе банани Кевендиш од другите сорти на иста количина земја.
Но, на сортата Кевендиш и се заканува смрт поради габата што го заразува растението - Панамска болест (Фузариум вилт) тропска раса 4.
Инфекцијата со TR4 започнува во корените на дрвото банана, а потоа се шири, на крајот оневозможувајќи ја способноста на растението да апсорбира вода или да врши фотосинтеза. На крајот, дрвото умира.
Замената на сегашната сорта банана со нова сорта отпорна на болести е краткорочно решение бидејќи габата може да изнесе и нов и посилен вид во иднина. Вистинското решение е масовното производство и продажба на повеќе од една сорта банани, бидејќи колку бананите се генетски поразновидни, толку е помала веројатноста тие да бидат подложни на болести.