Александар е млад битолчанец кој пред некое време решил да ја напушти својата татковина и да започне нов живот во Франција со надеж дека ќе ја подобри својата финансиска состојба.
Но, како што вели самиот, реалноста не му дозволува да заштеди ни 200 евра месечно.
Тој работи како земјоделец на фарма во едно мало село во близина на Лион, а неговата месечна плата изнесува околу 1.300 евра.
Сепак, иако се труди, тешко му оди да заштеди некој денар, а уште помалку да им испрати финансиска помош на своите родители во Битола.
За него, оваа плата е само доволна да ги покрие основните трошоци.
„Живеам сам во стан, а за кирија плаќам 600 евра месечно. За храна трошам околу 300-400 евра. Пари мора да издвојам и за превоз до работа, но и за да платам сметки за вода, за струја, за комуналии. Секој месец, овие трошоци ме оставаат со малку и без никаква можност за заштеда. Работам од утро до мрак, живеам сам, дојден сум за да заработам, а едвај успевам да заштедам 200 евра во месецот. И моите родители во Македонија можеби очекуваат да им испратам помош, а јас едвај крпам за мене“, објаснува младиот Александар.
Иако планирал да ја напушти Франција и да замине во Германија кај свој другар, сепак сфатил дека и таму ситуацијата е слична.
„Сакав да ја напуштам Франција и да заминам во Германија, каде што платите се малку повисоки. Но потоа сфатив дека не ми е баш најисплатливо, со оглед на тоа што ќе треба повторно да се прилагодувам на нова средина, нов странски јазик, нови табиети на луѓе…“, коментира соговорникот на Denar.
Според него, најисплатливо во моментов за Македонците е одењето на сезонска работа во Хрватска.
„Ништо чудно да се вратам во Македонија и да аплицирам за сезонска работа во Хрватска. Платите таму се околу 1.500 евра во угостителскиот сектор, ама платено е јадењето и сместувањето. Плус, сезонската работа трае 5-6 месеци. Мои пријатели велат дека месечно успевале да заштедат и до 1.000 евра. Живееле со дел од платата и со парите од бакшиш“, вели Александар.