Се намали интересот за професионално доусовршување и специјализација. Последните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека во текот на минатата година помал број на граѓани се стекнале со титулата магистер на наука, доктор на наука, а има намалување и кај специјалистите.
Бројките откриваат дека пад во бројот на лицата кои стекнуваат некоја од споменатите титули не опаднал само минатата 2023 година, туку дека намалување е забележано и во претходната 2022 година во споредба со 20221.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2023 година, звањето доктор на науки го стекнале 174 лица, при што е регистрирано намалување за 11,7 проценти во споредба со 2022 година.
- Најголем број од лицата, 22,4 проценти докторирале во областите бизнис, администрација и право, потоа 20,7 отсто во областа здравство и социјална заштита, следат општествените науки, новинарството и информирањето каде докторирале 13,8 проценти од лицата кои се здовиле со докторска титула минатата година. Потоа следуваат оние кои стекнале звање доктор во областа уметност и хуманистичките науки со 12,1 отсто, а останатите области се со помал процент на застапеност – се појаснува во анализата на ДЗС.
Од вкупно 174 лица кои добиле титула доктор, дури 91 се жени кои успеале да ја одбранат докторска дисертација во текот на 2023 година. Тие опфаќаат поголем дел од лицата кои стекнале титула доктор, и опфаќаат 52,3 проценти од вкупниот број лица што докторирале во истата година.
Најголемиот процент од вкупниот број лица што докторирале, односно 21,2 проценти, ја вршат својата професија во образованието.
Инаку за споредба со 2022 година, според податоците на Државниот завод за статистика, звањето доктор на науки го стекнале 197 лица, кога имало намалување за 2 отсто во споредба со 2021 година.
Податоците на Државниот завод за статистика, покажуваат дека во 2023 година, звањето магистер на науки и специјалист го стекнале вкупно 1.828 лице, од кои 1.624 или 89 отсто се магистри и 204 или 11 проценти се специјалисти.
- Бројот на магистри и специјалисти, во споредба со 2023 година, е намален за 2,9 проценти. Учеството на жените магистри, во вкупниот број лица што стекнале научен степен магистер на науки, во 2023 година е 59,8 отсто. Во 2023 година, најголем број од магистерските трудови, 624 или 38,4 проценти, се од областа на бизнисот, администрацијата и правото, 21,6 отсто се од областа на инженерството, производството и градежништвото, по што следат општествените науки со 11,9 проценти, а останатиот дел од областите се со помал процент на застапеност – се наведува во анализата на статистичарите.
Слично како и кај докторите на науки има намалување на магистир и специјалисти е регистрирано и во 2022 година во споредба со 2021 година.
Па така податоците на ДЗС покажуваат дека звање магистер на науки и специјалист го стекнале вкупно 1.883 лица, од кои 1.590 или 84,4 отсто се магистри, додека пак специјалисти биле 293 лица или 15,6 отсто. Бројот на магистри и специјалисти, во споредба со 2021 година, е намален за 4,7 проценти.