Граѓаните ги прават последните подготовки за празникот Рамазан Бајрам. Битпазар како и секоја друга година е полн со купувачи. И покрај високите цени и ниските примања, граѓаните велат дека празникот ќе го прослават колку што можат повеќе. Сепак, поради економската криза секоја година го скратуваат списокот, а како виновна за паднатиот стандард ја обвинуваат власта.
„Кадаиф, месо, нешто. Цените секој ден растат… Колку имаме, купуваме. Колку имаме можност, толку купуваме, нема повеќе… Има многу нешта што ни недостасуваат, нема доволно, не можеме да ги покриеме. Со сметките не успеваме, никаде не сме. Сами си ги зголемија платите, а пензиите и платите на граѓаните ништо“, рече еден граѓанин.
„Само гледам какви се цените. Цените да не зборувам повеќе, според платите. Сè уште не сме решиле, да видиме. Оваа година не е иста како во претходните години бидејќи платите не се добри, воопшто да не зборуваме за пензиите. На тие министри јас да им ја дадам пензијата, да видиме што мислат, што ќе купи со 200 евра? Тие освен што не знаат ни колку им се платите, плус и од друга страна добиваат“, додаде друг граѓанин.
„Да купиме некои работи. Цените се нормални како што беа порано, но има некоја разлика, некои цени се повисоки затоа што е време да бидат повисоки, но инаку се исти според сезоната“, нагласи еден граѓанин.
Продавачите се задоволни. Некои велат дека цените се стандардни, а други се согласуваат дека цените се релативно високи.
„Има продажба, има интерес, имаме добри цени, не се превисоки, муштериите се задоволни.
Од година во година има разлика, сега не е како порано. Порано имаше повеќе работа, сега не сме без ништо, не е да се жалиме, без баклава нема Бајрам… Еден килограм е 200 денари.
Стандардно како за Бајрам и пред Бајрам цената е иста. Имаме ореви 500 денари килограм, кадаиф 100 денари половина килограм“, рече еден продавач.
„Годинава нема многу високи цени како порано, порано беа многу високи, оваа година стандардни. Нема многу работа за продавачите, не купуваат зашто немаат пари, без пари ништо не се купува, сите се со социјална помош, затоа нема пари и затоа нема многу движење за трошење на робата… Продажбата во овие два-три дена малку мрдна и повеќе се троши на секој артикал“, изјави друг продавач.
„Цените се повисоки. Високи се, за населението како нашето се високи. И за нас и за сите. За разлика од претходните Бајрами? Поскапено е, килограм пиперки 180 денари, доматите 130“, додаде еден друг продавач.
На муслиманските верници им остануваат уште два дена пост. Во среда, според лунарниот календар, завршува месецот Рамазан, по што следи Рамазан Бајрам, еден од двата муслимански празници.