Потрагата по сместување и станови под кирија во Германија е голем проблем за нашите сограѓани, особено за оние со една плата, или помали приходи.
Цените на кириите во Германија особено пораснаа во последните две години, што ги става на мака Македонците кои сакаат да најдат пристојно сместување по пониски цени.
- Кириите во Штутгарт и поблиските места околу градот грубо се движат околу 1.500 евра, но и повисоко. Има разлики во цените, тука се изнајмуваат станови со или без режиски трошоци, тоа се трошоци за одржување на влез, некои вклучуваат и трошоци за вода. Секако сметките за гас и струја се посебни. Нашата потрага по стан беше долга, бидејќи со мала плата одвај успеавме да најдеме стан за илјада евра во градче во близина на Штутгарт, кое е доволно комотно за четиричлено семејство, но си има свои недостатоци – вели еден Македонец кој веќе две години е во Германија.
Тој за Фактор посочува дека голем дел од нашинците кои ги познава, и кои се со семејство, а со една плата или ниски плати, честопати се одлучуваат да изнајмат стан или дел од куќа во населени места кои се подалеку од Штутгарт, за да имаат помали кирии.
- Тешко е да се најде убаво сместување во главниот град и за 1.500 евра, евентуално само преку агенции, но тоа е многу тешко. Повеќето балканци бегаат во помали места за пониска кирија, но тоа може да се одрази врз времето за патување до работа и назат, поради што некогаш се патува и по два часа во еден правец – дополнува нашиот соговорник.
Други жители од Македонија кои живеаат во Штутгарт плаќаат кирија од 1.700 евра, во која се може да се вклучени сите трошоци, со сметки и одржување на влез, но има и поскапи кирии од тоа. Чести се ситуации, во кои едно лице изнајмува соба од стан, за која најчесто се плаќа околу 500 евра месечно, без дополнителни трошоци, но во тој случај, кујната и купатилото се делат со непознати луѓе, па на ваквите опции се гледа на краток период, додека се дојде до подобра плата или се најде поевтин стан.
Но, со високи цени и отежната потрага по стан не се соочуваат само Македонците, напротив тие ги пратат и дугите доселеници, без оглед од која земја доаѓаат.
- Потрагата по стан во Германија е исцпувачка. Најпрво најдовме стан во Еслинген, град во близина на Штутгарт кој го плаќаме по цена од 1.500 евра за сместување, ладна кирија. Сега најдовме во истото градче дел од куќа по цена од 1.100 евра, плус трошоци за струја, гас и вода. Но, потрагата траеше долго. Овде е убаво, но сумата за кирија е многу висока, поради што сопругот работи две работи, за да можеме да ги покиреме основните трошоци – вели Мариа од Грција.
Дека кириите се најголем проблем за Фактор потврди и жител на Босна и Херцеговна, кој напрво живеел во Берлин, каде кирите се движеле и многу над 1.500 евра, по што решил да се пресели во околината на Штутгарт, и по извесно време успеал да најде стан за семејството по цена од 1.000 евра.
- Нашето сместување е во многу мало населено место, што не е проблем, бидејќи доаѓаме од исто така мало место во Босна. Но, далеку од Штутгарт, поради што јас губам многу време до работа и назат. Засега ќе мора вака да се снаоѓаме, но за во иднина, секако ќе бараме други опции, поблиску, но кога ќе работи и сопругата – дополнува Бошко од Босна и Херцеговина.