Младите на возраст меѓу 15 и 17 години иако по законите во Македонија треба да се во училишни клупи, сепак, се сметаат за работоспособни, а дел од нив се опфатени и на пазарот на труд. Анализата на Државниот завод за статистка покажа дека вкупното работоспособно население на возраст помеѓу 15 и 17 години изнесува 61.211, од кои 51 отсто се машки, додека 49 проценти се женски.
- Станува збор за население кое согласно правната рамка за задолжително средно образование би требало да биде вклучено во образовен процес. Сепак, со оглед на показателот дека околу 15 отсто од младите на возраст за средно образование не се запишани во средно училиште, се истражува колкав дел се вклучени на пазарот на труд – се нагласува во истражувањето на ДЗС.
Од вкупното работоспособно население на 15 години кое изнесува 20.212 лица, 2 отсто или 339 се активни на пазарот на труд, а од нив, 20 отсто или 69 се вработени, останатите 80 проценти или 270 млади се невработени.
Вкупно работоспособно население на возраст од 16 години се 20.460 лица. Од нив, 586 лица или 3 отсто се активни на пазарот на труд. Во рамки на активното население 21 процент или 125 лица се вработени, 79 отсто или 461 млади се невработени.
Што се однесува пак до тинејџерите на возраст од 17 години, тука има вкупно 20.539 лица. Од нив, 966 лица или 5 проценти се активни на пазарот на труд, од кои 271 или 28 осто се вработени, додека 695 или 72 проценти се невработени.
- Меѓу децата на возраст од 15 години кои во 2021 биле активни на пазарот на труд, 74 отсто се вклучени во секторот земјоделство, шумарство и рибарство. Додека 12 проценти од децата биле вработени во преработувачката индустрија, 4 отсто во неидентификувани услужни дејности, 3 проценти во трговија на големо/мало; поправка на моторни возила и мотоцикли, додека во другите сектори на дејност нивното учество се движи помеѓу 0 и 1 процент – се појаснува во анализата.
Што се однесува пак до децата на 16 години вклучени на пазарот на труд, 49 отсто работеле во секторот земјоделство, шумарство и рибарство, 16 проценти работеле во преработувачката индустрија, додека 11 отсто работеле во објекти за сместување и сервисни дејности со храна.
Меѓу децата на 17 години, 27 отсто работат во секторот земјоделство, шумарство и рибарство, 21 процент во објекти за сместување и сервисни дејности со храна, 16 отсто во преработувачката индустрија, 14 проценти во трговија на големо/мало; поправка на моторни возила и мотоцикли.
Целиот текст можете да го прочитате на faktor.mk