Дали ладното време е тоа што ги оттргнува Македонците да патуваат со велосипед на работа? Или недоволните велосипедски патеки е причината што многумина се одлучуваат за јавен превоз или автомобил?
Нашата најнова анкета на тема Како најчесто патувате до вашето работно место опфати над 600 испитаници и даде доста интересни податоци за тоа како граѓаните стигаат до своето работно место.
Најголем дел од граѓаните се изјасниле дека патуваат со јавен превоз (35%). Патувам во друг град надвор од местото на живеење, вели еден од испитаниците. Најсигурно е со јавен превоз, потенцира трет, додека дел од нив сметаат дека фали опцијата организиран превоз од самата компанија.
Со нешто помалку проценти, односно 32% од граѓаните патуваат со сопствен автомобил бидејќи сметаат дека тоа е брз и едноставен начин за да се стигне до работното место. Дел од нив го одбираат овој начин на превоз бидејќи времето е тоа кое не им дозволува да го користат велосипедот, додека за некои причината за користење на сопствен автомобил е големата оддалеченост од главниот град.
Само 23% од граѓаните одат пеш на работа. Нема превоз, вели еден од граѓаните. Со 12 000 плата и 35 денари автобус, стана "здраво" да се пешачи, додава втор. Немам избор, се надоврзува трет.
Резултатите покажаа дека најмал дел од граѓаните одат на работа со велосипед (10%). Коментарите беа многубројни. Дел од нив велат велосипедот е незаменлив, додека дел сметаат дека фали слободен увоз на електрични велосипеди. Кога е суво патувам со велосипед, во спротивно користам јавен превоз, вели еден од испитаниците.