Утринската рутина на активности што ги правите веднаш штом ќе се разбудите е одлична можност да стекнете неколку корисни навики кои ќе го унапредат здравјето на целиот организам. Со текот на времето ќе се навикнете и ќе ви биде полесно да ги извршувате овие едноставни и кратки чекори кои можат да направат голема разлика доколку навистина сте доследни на нив.
Всушност, најважно е вашата утринска рутина да биде дизајнирана за вас и вашите потреби, а не врз основа на тренд од социјалните мрежи. Здравствениот центар поставува општи упатства и предлози за добри утрински навики од кои секој би можел да има корист.
Предлог за здрава утринска рутина
Конзистентна утринска рутина може да ви помогне да го поставите вашиот биолошки часовник. На тој начин со тек на време ќе стекнете навика која ќе ве натера да заспивате и да се будите во исто време секој ден, а на крајот ќе вградите и некои други здрави навики.
Важно е целата утринска рутина да одговара на вашите индивидуални потреби и интереси и правилата поврзани со неа да не се премногу ригидни. Тоа може да биде контрапродуктивно.
Имено, може да имате скратена утринска рутина за деновите кога треба да станете и да излезете и подолга верзија за деновите кога имате повеќе време.
Дури и ако имате само пет минути, можете паметно да го искористите тоа време за да се подготвите и да го дочекате претстојниот ден со повеќе енергија и подобро расположение.
Да се има постојана утринска рутина е клучно за да ги видите придобивките, така што можете да изберете кое било од подолу наведените во зависност од вашето време и лични преференци.
Ова се некои од компонентите што може да ги вклучите во здравата утринска рутина:
Будење без одложување на алармот и брзо станување од кревет. Одложувањето на алармот го продолжува чувството на зашеметеност, затоа поставете го алармот за најскоро можно време кога треба да станете и кога ќе се вклучи, веднаш ставете ги нозете на подот.
Физичката активност предизвикува пумпање на крвта, што е одличен начин за зголемување на енергијата. Не мора нужно да одите во теретана, туку да се движите на некој начин. Некои корисни препораки се брзо одење или неколку склекови на пример.
Чувство на студ. Измијте го лицето со ладна вода или, ако сте малку похрабри, истуширајте се набрзина. Иако не е за секого, ладниот туш е одлична стратегија за брзо будење и зајакнување на менталната отпорност, бидејќи денот го започнувате правејќи нешто малку потешко.
Светлина. Без разлика дали е бел ден или не, вклучете го светлото кога ќе се разбудите наутро. Изложеноста на светлина наутро помага да се калибрира нашиот биолошки часовник и му кажува на телото дека денот започнал. Оваа практика исто така ви олеснува да заспиете на крајот од денот.
Појадок. Времето за оброк е ваш личен избор, во зависност од вашите преференции и исхрана. Но, ако ви одговара, појадокот е здрав додаток на вашето утро. Значителен број докази покажуваат колку е здраво да се појадува. На пример, една мета-анализа открила поврзаност помеѓу појадокот и подоброто здравје на срцето и помал ризик од смртност во споредба со прескокнувањето на појадокот. Друга мета-анализа покажа дека прескокнувањето на појадокот е поврзано со 39 и 31% поголеми шанси за депресија и анксиозност.