Кај Македонците со Ѓурѓовден започнува летната половина од годината што трае до Митровден. Затоа во една македонска народна поговорка се вели: „Дојде ли Ѓурѓовден, чекај си Митровден”.
Денеска е Св. великомаченик Георгиј – Ѓурѓовден, најголемиот христијански празник од пролетниот циклус којшто е непроменлив празник и секогаш се паѓа на 23 април по новиот календар, односно на 6 мај по стариот календар. Овој празник го празнува не само христијанското, туку и целото население воопшто. Има голема традиција во словенските земји, меѓу кои и во Македонија, што значи дека неговата основа е празнувањето на природата, на разбудувањето на растителноста и на животот воопшто.
Свети Георгиј беше родум од Кападокија. Со Христос се запозна во својот дом. Кога татко му пострада за Христа и прими маченички венец, тој и мајка му се преселија во Палестина. Момчето порасна и стапи во војската на 20-годишна возраст дојде до чинот трибунал. Како таков му служеше на императорот Диоклецијан. Кога Диоклецијан почна да ги гони христијаните, младиот трибунал самиот објави дека е христијанин. Почнаа разни тешки измачувања, но великомаченикот истраја во сите нив, а благодетта Божја му помагаше и го исцелуваше. Неговото мачеништво, т.е. сведоштво наведе многумина да поверуваат во Христа. Во 303 година му ја отсекле главата. Овој голем маченик Бог го награди со дар на чудотворство со кој, тој до денес им помага на сите што го повикуваат во своите молитви.
Кај Македонците со Ѓурѓовден започнува летната половина од годината што трае до Митровден. Затоа во една македонска народна поговорка се вели: „Дојде ли Ѓурѓовден, чекај си Митровден”. На овој ден се избираат селски одборници, протуѓери, полјаци, потоа се главуваат момоци, овчари, козари, говедари итн. Заедно со тоа луѓето се подготвуваат за периодот што следува и што е исполнет со многу, пред се, полски работи. Човекот му се радува на оживувањето на природата, никнувањето на есенските посеви, на разлистувањето на овошките на раззеленувањето на гората и на обновувањето на растителноста воопшто, бидејќи тоа значи и негова егзистенција.
Меѓу повеќето обичаи и песни поврзани со овој ден посебно значајно место заземаат оние т.н. билјарски обичаи и песни што се изведуваат при берењето на билките вечерта спроти празникот и на самиот ден рано наутро. Берењето на штотуку изникнатите и разлистени растенија е поврзано со обичајот запотнување, како и со обичајот крмење на стоката, а тие пак со верувањето во магичната моќ на билките.
На билје се оди во блиските шуми каде што можат да се најдат разлистани некои билки за кои се верува дека поедуваат магиска моќ, како што се кукурекот, здравецот, вратиката, среќата, но и некои други растенија како леската, дренот и сл. Тамо во групи девојки, млади невести или постари жени ги изведуваат билјарските обичаи и ги пеат билјарските песни. Овој ритуал е најитакна во Западна Македонија, подеднакво исто и кај Македонците Христијани и кај Македонците Муслимани.
Ганка, Ганчо, Гинка, Ѓурѓица и др.