Возењето велосипед ви помага да бидете во форма и да ги намалите емисиите. За многу луѓе, патувањето до работа обично значи сообраќаен метеж или пренатрупан јавен превоз, пишува „Euronews“.
Но, низ Европа, се повеќе луѓе ги заменуваат автомобилите и автобусите за велосипеди.
Возењето велосипед е одлично за вашето здравје и фантастична алтернатива за транспортот кој е интензивен и испушта јаглерод.
Кои земји во Европа имаат најдобри шеми за возење велосипед до работа?
Многу земји нудат слични шеми – но не сите имаат исти услови.
Холандија нуди надоместок за километража
Холанѓаните во просек возат велосипед по 2,6 километри дневно. Ако овој модел се применува на глобално ниво, една студија сугерира, годишните глобални емисии на јаглерод би паднале за 686 милиони тони – повеќе од целокупниот јаглероден отпечаток на Британија.
Владата ја поттикнува оваа здрава навика нудејќи им на велосипедистите „додаток за километража“.
Од 2006-та година, бизнисите ги наградуваат велосипедистите со 0,19 евра по километар, трошок што владата им дозволува да го одбијат кога плаќаат даноци. Овој додаток за километража беше достапен само за квалификуваните возачи за покривање на трошоците за гориво. Тој беше проширен на велосипедистите во 2007-ма година и бидејќи велосипедите не бараат скап бензин, луѓето едноставно можат да си ги стават парите во џеб.
Човек што вози 10 километри велосипед на ден пет дена во неделата може да заработи околу 450 евра годишно од шемата.
Белгиските велосипедисти ја прифатија шемата
Белгија нуди слична шема како и Холандија, каде што патниците можат да бараат 0,24 евра за километар на велосипед. Ова е широко распространето – според „Brussels Times“, секој петти вработен во малите и средни белгиски претпријатија добил додаток за велосипед во првата половина на 2022-ра година.
Франција го зголемува бројот на активни велосипедисти
Патниците во Франција можат да бараат до 0,25 евра по километар кога одат на работа со велосипед, со годишна граница од околу 200 евра.
Резултатите од пилот фазата, во која учествуваа 18 компании, покажаа зголемување на бројот на активни велосипедисти за 50%.
Италијанските правила варираат во зависност од градот
Во Италија, пристапот до шемите за патување со велосипед зависи од тоа каде живеете, бидејќи стимулациите варираат во голема мера во зависност од регионот или провинцијата.
Северниот италијански град Фиренца штотуку воведе шема која започнува на 3 јуни и трае една година. Оние кои ќе го остават автомобилот и ќе тргнат со велосипед до работа ќе добијат 0,20 евра за секој извозен километар во општината, ограничени на 30 евра месечно.
Оние кои веќе со велосипед до работа ќе добијат 0,15 евра по километар.
Учесниците мора да се регистрираат преку апликацијата „Pin Bike“. Советот планира да доделува бонуси од 100 евра секој месец на 200 корисници кои ќе соберат најмногу поени во апликацијата. Ова може да се направи преку километражата, како и учество на настани и прашалници.
Во Бари – главниот град на италијанскиот регион Пуља – велосипедистите добиваат 0,21 евра за секој километар што го минуваат до работа (до максимум 25 евра месечно).
Италијанската влада, исто така, им нуди на патниците ваучери за мобилност за да купат нов велосипед.
Велика Британија и Луксембург
Некои земји не нудат пари по километар, туку нудат стимулации за набавка на опрема.
Во Луксембург, луѓето кои одат со велосипед до работа можат да одбијат до 300 евра од персоналниот данок на доход за да купат нов велосипед.
Во Обединетото Кралство, вработените во бизнисите кои учествуваат во официјалната шема за патници можат да купат велосипед преку нивниот работодавец. Тие можат да бараат до 32 отсто од вистинската цена како даночно олеснување.
Зошто е добра идеја да се оди со велосипед до работа?
Низ Европа, владите бараат да воведат шеми за мобилност со велосипед.
Во Шпанија, владата размислува за нова програма, „En Bici al trabajo“, која ќе им плаќа на персоналот за да одат со велосипед до работа.
Има многу придобивки од возењето на велосипед. Едно истражување покажа дека луѓето кои одат на работа со велосипед имаат 45% помал ризик од развој на рак и 46% помал ризик од кардиоваскуларни болести.
Избегнувањето на автомобилот е исто така одличен начин да го намалите вашиот јаглероден отпечаток.