Со цел да се соберат повеќе пари за итна реставрација, парискиот градски совет гласаше за зголемување на цената за влез во Ајфеловата кула. Од следниот месец, билетите за возрасните ќе поскапат за 20 отсто.
За да се качат со лифт до врвот на кулата посетителите во моментов треба да издвојат 29,40 евра, но според одлуката на градските советници од 17-ти месецот цената ќе се зголеми на 35,30 евра.
Градскиот совет на Париз, исто така, поддржа докапитализација на операторот на Ајфеловата кула Сете и ја намали годишната такса што ја наплаќа од операторот за управување со една од најпознатите туристички атракции во светот.
Помалку гости за време на пандемијата „Ковид-19“, во комбинација со вртоглавите трошоци за реновирање, ја турнаа Сете длабоко во црвено, објави француската новинска агенција АФП.
За време на пандемијата, кулата забележа загуба на приход од околу 120 милиони евра во 2020 и 2021 година. Минатата година, бројот на посетители се врати на речиси шест милиони, откако падна на само 1,5 милиони во 2020 година.
Откако е изградено за Светскиот саем во 1889 година, ремек-делото на архитектот Густав Ајфел е префарбано 19 пати. Во тоа време, Ајфел препорачал кулата да се пребојува на секои седум години за да се избегне неизбежната 'рѓа. Сепак, железната конструкција висока 300 метри не е целосно офарбана од 2010 година.
Лошата финансиска состојба на познатата кула дополнително ја влошија неодамнешните штрајкови на незадоволните работници на кулата поради ниските плати и условите за работа.