Во турската култура, појадокот е најзначајниот оброк во денот. Турскиот збор за појадок, „Kahvaltı“, во превод значи „пред кафе“, што значи оброк во кој се ужива пред да се испие кафе, рече турскиот амбасадор во Скопје Фатих Улусој на денешниот настан по повод „Светскиот ден на појадокот“.
Турските амбасади ширум светот имајќи ја предид важноста која му се придава на појадокот во оваа земја во последниве години организираат вакви настани за да се запознаат богатите вкусови на турскиот појадок.
-Балканските земји, со кои споделуваме блиски историски и културни врски, веќе се запознаени со турскиот појадок. Како што сите знаеме, анадолската, медитеранската, егејската, кавкаската и балканската географија споделуваат многу сличности во нивните кулинарски традиции. На неодамнешната манифестација „Недела на турската кујна“ што ја организиравме пред две недели, нашите македонски пријатели имаа можност да ги искусат ексклузивните вкусови на турско-егејската кујна, кажа Улусој.
Настанот беше искористен исто така и да се презентираат турските природни убавини и богатото историско наследство. Туркије е меѓу водечките земји во светот во туризмот. Според статистиката објавена од Светската туристичка организација за 2023 година, земјата е на петтото место во светот меѓу најдобрите дестинации, со 56,7 милиони странски посетители. Поради својата географска близина и културен афинитет, Северна Македонија е исто така приоритетна земја за нас во областа на туризмот.
Улусој потенцираше дека речиси 200.000 турски туристи ја посетиле Северна Македонија минатата година.
-Тоа значи дека околу 20 отсто од туристите кои ја посетиле Македонија во 2023 година биле турски државјани. Истовремено, минатата година Туркије ја посетија околу 250.000 македонски туристи, рече тој изразувајќи надеж дека оваа бројка ќе продолжи да расте.
Во Туркије има над 500 плажи со сино знаме на бреговите на Медитеранот и Егејското Море, главно во Анталија, Мугла и Измир каде што може да се ужива во одличен летен туризам. Но, туризмот во Туркије не е ограничен само на летната сезона, туку, како што потенцира амбасадорот, зимската сезона е исто така одлично време за посета.
-За тоа време можете да уживате во скијање, сноуборд и разни други зимски спортови, рече тој.