Позната слика на скопската меѓународна автобуска станица: Млади Македонци им мавтаат на своите семејства, качувајќи се во автобуси (побогатите со авиони) кон дестинации како Љубљана, Софија, Загреб…Трендот на студирање во странство постојано расте.
Што ги тера овие млади умови да бараат образование надвор од својата татковина?
Еден од клучните фактори е квалитетот на образованието. Според резултатите од PISA, Словенија постојано ја надминува Северна Македонија во читање, математика и наука. Словенечките училишта се рангирани значително повисоко, нудејќи на студентите поцврста академска средина. За амбициозните студенти кај нас, ветувањето за подобро образование е силен мотиватор.
Сепак, од разговорите со идни и сегашни студенти, се потврдува фактот дека една од главните причини е економската состојба. Во Северна Македонија, има висока стапка на невработеност меѓу младите и ограничени можности за работа. Многу млади бараат подобри услови и плати во странство, каде што универзитетите нудат повеќе пракси и работни можности. Така, тие можат да стекнат драгоцено искуство и финансиска стабилност.
Тие се нашата иднина
Во просторија полна со средношколци, на прашањето „кој ќе студира надвор од земјава“, речиси сите креваат рака. Иако се сè уште млади за веќе да се разочарани во функционирањето на системот и институциите во земјава, тие својата иднина ја гледаат надвор.
Во анкетата речиси сите велат дека ќе заминат од тука, па и оние кои своите студии веќе ги почнале во земјава. Никола, кој на крајот вели дека ќе остане во Македонија е нашата иднина. Ако сакаме во земјава да остане квалитетен и образован кадар, треба сите сили и напори да ги вложиме во него и децата како него. За да им докажеме дека можеме, умееме и сакаме да биде подобро, за тој да биде пример за следните генерации кои можеби се повеќе ќе остануваат тука.
Дома си е дома
Според Државниот завод за статистика, бројот на запишани студенти на високите стручни школи и факултетите во Република Северна Македонија од пред десет години, до последната академска 2022/2023 година е намален „само“ за малку повеќе од 5.000 студенти. Најмногу запишани имало во академската 2015/2016 година кога академски граѓани станале речиси 60.000 луѓе.
Целиот текст прочитајте го на: nezavisen.mk