Владата за градовите кои ќе бидат зафатени од портокалова фаза препорачува ослободување од работните обврски на најранливите групи население
Гевгелија, Богданци, Валандово и Дојран денеска и утре ќе бидат зафатена од високи температури од портокалова фаза, поради што Владата на барање на Министерството за здравство, вчера одржа вонредна седница и донесе соодветни препораки. И Скопскиот и Вардарскиот регион овие два дена ќе бидат зафатени од високи температури, но од жолта фаза (алерт – подготвеност), па во овие региони ќе важат општите препораки.
-Од Институтот за Јавно здравје и метео-алармот на Управата за хидрометеоролошки работи се добиени информации дека на 11 и 12 јуни територијата на градовите Гевгелија, Богданци, Валандово и Дојран ќе биде зафатена од високи температури од портокалова фаза, поради што Владата на седницата ги усвои препораките од Министерството за здравство за намалување на ризиците од високите температури, согласно Акцискиот план на Министерството за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението за територијата на овие градови, се наведе во соопштение владината прес-служба.
Владата за градовите кои ќе бидат зафатени од портокалова фаза препорачува ослободување од работните обврски на најранливите групи население, односно бремените жени и лицата на возраст над 60 години. Во градинките да не се практикува физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот. Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи, во регионите зафатени со топлотниот бран да пружаат помош на осамени, стари, изнемоштени лица, бездомни лица.
Со оглед на фактот дека одредени ризични производни и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, Владата ги потсетува работодавачите на обврската за почитување на законските прописи од оваа област.