Започнувајќи од ова лето, лицата кои ќе сакаат да го посетат Националниот парк Шар Планина со моторни возила, ќе треба да платат влезница. Зависно од возилото цената ќе биде од 150 до 450 денари, додека според одлуката на Установата која раководи со паркот нема да се наплаќа на посетители поединечно, како што предвидува тарифникот. Надоместок ќе има и за субјектите кои ја користат планината за остварување приход. За поголема информираност ќе бидат поставени табли, а наплатата ќе биде електронска.
„Националниот парк Шар Планина, никако нема да наплаќа влез за посетителите кои сакаат да пешачат или тој што доаѓа со велосипед, барем за овие неколку години. Ние ќе наплаќаме само за моторните возила, тие се загадувачи на природата. Тој тарифник нема да важи за резидентите. Ќе изготвиме апликација како што е за паркинзите во градовите“- Ибрахим Дехари, директор на ЈУ НП Шар Планина.
Со години наназад Шара се уништуваше. Покрај нелегалната сеча, дел од посетителите неодговорно се однесуваат кон планината, оставаат смет, користат моторни возила со што се нанесуваат големи штети на природата. Од планинарските друштва кои се секојдневни сведоци на ваквите појави велат дека добредојдени се сите активности кои ќе воведат ред.
„Поставувањето на овој тарифник се надеваме дека ќе игра улога во одењето на планина со автомобил, со оглед на тоа дека веќе имам национален парк. Рално сите овие работи треба да се забранети и се надеваме дека ќе ја подигнеме свеста кај граѓаните дека националниот парк останува за нас, но понатаму го оставаме и на нашите идни генерации“- изјави Снежана Новаковска, претседателка на ПК Тетекс.
„Да се воспостави некој ред, кој може да оди, што може да се посети, во кое време. И што е најважно кога ќе одат на одредени места отпадот да не го оставаат таму, да го земат со себе за да ја заштитиме природата“- изјави Бујар Џеладини, претседател на ПК Тетова.
Националниот парк денес со потпишување меморандум ја официјализираше соработката со планинарските друштва со цел спроведување заеднички активности за промоција и заштитата на природата, одржливиот економски потенцијал, подигање на јавната свест, маркирање планинарски патеки, еколошки акции и слично.