Mелничко пекарската агроиндустрија веќе објави дека за нешто над 10 отсто е поскапен лебот поради тоа што има зголемување на цената на суровините на берзите, односно поскапеле пченицата, а со тоа и брашното.
На ваквата одлука влијаело, како што рекоа од таму, порастот на минимална плата и останатите трошоци за работниците. Транспортот и електричната енергија се исто така многу важен сегмент во формирањето на цената на пекарските производи.
Поскапе белиот и полубелиот леб. Дел од компаниите ставија нови, повисоки цени за 10 до 15 отсто. Па така, лебот што се продаваше за 29 денари, сега чини 33. Некои од пекарите веќе ги поскапеа и белите печива како ѓеврекот, переците и кифлите.
Во овој период има препукување помеѓу првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски, и сопствениците на мелничките капацитети за цената на електричната енергија како аргумент во прилог на поскапувањето. Бислимовски е убеден дека тоа е, како што рече, „најбезобразна шпекулација“, затоа што овие друштва струјата ја купуваат од слободниот пазар и таа како инпут во моментов е значително поевтина во однос на претходните години.
„Фактор“ ги обезбеди приходите и добивките за 2023 на најпознатите компании за производство на леб и други печива. Приходите се доста високи, но од добивките може да се заклучи дека профитните маржи се минимални. Треба да се каже дека некои од овие компании, покрај производство и продажба, се занимаваат и со други дејности како транспорт и кетеринг.