Во време кога цените на основните животни потреби непрекинато растат, граѓаните се соочуваат со тешка одлука – како да ги избалансираат своите трошоци за храна?!
Оваа ситуација особено се одразува на потрошувачката на месо, која порано беше секојдневен дел од исхраната на многумина, а сега се претвора во луксуз што се консумира само за неделниот ручек или за празник.
Според податоците од месарниците, продажбата на месо значително опаднала.
Додека порано потрошувачите купувале по неколку килограми месо, сега се купува на грамови.
Пилешкото месо, кое до неодамна беше најевтино, сега се изедначило со цената на свинското месо.
Пензионерката Марија од Скопје, која живее сама, за Денар сподели дека ситуацијата ја принудила да готви посни манџи без месо.
„Месото сега е за специјални прилики. Секој денар ми е важен, па затоа готвам јадења кои се поевтини и без месо”, изјави таа.
Оваа промена во потрошувачките навики не само што го покажува влијанието на економската клима врз секојдневниот живот на граѓаните, туку исто така предизвикува загриженост за нивното здравје и исхрана. Со оглед на тоа дека месото е важен извор на протеини и други нутриенти, неговата отсутност во исхраната може да има долгорочни последици.
Додека семејствата се обидуваат да се прилагодат на новата реалност, автоматски се поставува прашањето – дали оваа тенденција ќе продолжи и во иднина, или ќе најдеме начин да го вратиме месото на нашите трпези како секојдневна намирница?!
Освен кај нас, и во Европа сè помалку се јаде месо. Сè повеќе Германци немаат доволно пари за дневни оброци, кои се состојат од месо, пред сè живина, риба…
Според статистичките податоци, во Германија речиси 10 милиони луѓе не може да си дозволат оброци со месо. Поради тоа, сè поголем број Германци прибегнуваат кон јадење тестенини со кечап.
Слична е ситуацијата и во Грција, каде што инфлацијата си го направи своето и сè помалку се јаде месо.
Во три од пет категории месо, зголемувањата во Грција се поголеми од просекот на европската заедница.
Кај говедското месо, поскапувањето е 13,1 отсто, за разлика од просекот од 6,8 проценти во еврозоната. Кај свинското односот е 14,8 – 10,1 отсто. Тоа не го покажуваат само бројките туку и реакциите на потрошувачите во телевизиските прилози.
Кај говедското месо, каде што разликата е речиси двојна, Грција има шести најголем пораст на цените и му припаѓа на клубот на само 8 од 27 земји од еврозоната со двоцифрен пораст.