Според анализата на порталот „Пари“ во соработка со Бизнисмрежа.Мк нотарите во Македонија се при самиот врв на заработка. Имено само за минатата година во 10 нотарски канцеларии влегле 4.6 милиони евра.
Десетмината нотари кои имале најмногу или најголеми предмети, заедно оствариле промет од 4,6 милиони евра. Откако ги намириле своите трошоци – им останал нето-приход пред оданочување од околу 1,5 милиони евра.
Нотарите наплатуваат според Нотарска тарифа, донесена во 2016 со една измена од 2019 година. Со Нотарската тарифа се определува наградата за работата и надоместокот на трошоците во вршењето на службените дејствија од делокругот на работата на нотарот.
„Надоместокот на нотарот за извршените службени дејствија се определува според реално направените трошоци за изработка на одделни нотарски исправи, надоместокот за службените дејствија преземени надвор од нотарската канцеларија, надоместокот за превоз, надоместокот за достава, како и надоместокот за писмени барања или известувања кои нотарот ги упатува спрема учесниците во постапката или други државни органи и институции“, пишува во Нотарската тарифа.
Вториот дел од исплататз на нотарот е нотарската награда. А тука, колку е повеќе проценет предметот, толку повеќе си добива и нотарот. Па, на пример, како што пишува во Нотарската тарифа: „Проценетата пазарна вредност на недвижниот имот претставува основ за определување на наградата за нотарските дејствија, особено за составување на нотарски акт и потврдување на приватна исправа (солемнизација)“. Или пак: „Кај договорите за закуп вредноста на предметот на службеното дејствие се определува според вредноста на едногодишна закупнина“.