Вработувањата во државната администрација, но и во општините, а и во јавните и комуналните претпријатија, можат да почнат.
Па, ако местата за огласи на Агенцијата за администрација беа празни од поодамна, односно од стартувањето на изборниот процес, сега веќе осамнаа првите огласувања на институциите на кои им е потребен работен кадар.
Огласите почнаа на 27 јуни годинава, што е веројатно првиот законски ден во кој било дозволено да се објават, а прва нога повлече општина Македонска каменица, која бара виш соработник за сметководствено финансиски работи, во одделението за финансиски прашања, и кого ќе го плаќа 33 и пол илјади денари.
Огласи дала и општина Росоман, која бара дури седум извршители, со плати меѓу 23 и над 34 илјади денари, веројатно зависно од висината на позицијата и обемот на работните задачи.
Општина Кавадарци бара седум луѓе, со плати меѓу 23 и 28 илјади денари, општина Битола и општина Кисела Вода бараат по еден човек, а двајца треба да се вработат во Националниот музеј на Северна Македонија. Таму платата е над 32 илјади денари.
Да вработи еден благајник сака и Агенцијата за задолжителни нафтени резерви, за кого се нудат нешто над 27 илјади денари.
И Министерството за финансии има потреба од кадар, и тоа раководител на одделение за политика од областа на акцизите, во секторот за јавни приходи и даночна и царинска политика, а за кого се нудат околу 38 илјади денари.
Оглас има и ЈКП Дервен од Велес, каде се бараат тројца луѓе.
Како што е познато, пред изборите, Државната комисија за спречување на корупцијата покрена иницијатива до сите надлежни органи за утврдување одговорност на директорката, претседателот и членовите на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители, поради прекршување на Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси, како и на Изборниот законик. Имено, стануваше збор за вработувања, а како што е познато, тоа би значело прекршување на членот 8-а од Изборниот законик.
Еве што предвидува членот 8-а од изборниот законик.
„Од денот на донесувањето на одлуката за распишување на избори до завршување на изборот на претседател на Република Македонија, пратеници во Собранието и изборот на Владата согласно со резултатите од изборите, како и од денот на донесувањето на одлуката за распишување на избори па до завршување на изборите за избор на градоначалник или членови на советот, не може:
- да се располага со буџетски средства, средства на буџетите на општините и градот Скопје, од јавни фондови и средства на јавни претпријатија и јавни установи или правни лица кои располагаат со државен капитал;
- да се започне изградба со средства од буџетот или од јавни фондови или со средства на јавни претпријатија и други правни лица што располагаат со државен капитал на нови објекти во инфраструктурата како патишта, водоводи, далноводи, канализација, спортски игралишта и други објекти или објекти за општествени дејности училишта, градинки и други објекти, освен ако за таа намена претходно се обезбедени средства од буџетот, односно се работи за реализација на програма донесена врз основа на закон во тековната година и
- да се вршат исплаќања на плати, пензии, социјална помош или други исплати и материјални надоместоци од буџетски средства или од средства на јавните фондови кои не се редовни месечни исплати односно сите едногодишни трансфери и исплати или еднократни трансфери од буџетски средства или од средства на јавни фондови ниту да се отуѓува државен капитал ниту да се потпишуваат колективни договори.
Инаку, како што се гледа од огласите, платите на административците воопшто не се атрактивни.
Фактор пишуваше дека платите на вработените во јавниот сектор низ годините имаат се помалку учество во вкупниот буџет кој државата го троши. Ова го покажала анализата на Здружението за истражување и анализи ЗМАИ, кои утврдиле дека во период од 2010 година па се до 2020 година платите за вработените се намалиле. Но, овој тренд е променет во 2021 и 2022 година кога нивното учесто почнува да се зголемува.