Од поранешни југословенски републики сме на последно место според висината на просечната плата, а ние сме и на дното во регионот каде што просечната плата во некој земји достигнува 2.000 евра.
Во Европа просечните плати стигнуваат до 7.000, во регионот до 2.000, а во Македонија не можеме да дојдеме ни до 1.000 евра. Од Сојузот на синдикати на Македонија велат дека и според просечната и според минималната плата сме последни во регионот. Ако порано бевме на петто место, в седумте поранешни југословенски републики, сега сме на седмо место според висината на просечната плата. Највисока плата има Словенија каде што изнесува над 1.500 евра, а најниска Македонија со 700 евра.
Би можело да ве интересира: РУШИМЕ РЕКОРДИ: Просечната плата во Македонија достигна 41.085 денари!
-Од поранешни југословенски републики сме на последно место според висината на просечната плата, а ние сме и на дното во регионот каде што просечната плата во некој земји достигнува 2.000 евра. Проблем е што кај нас работодавците се држат за минималната плата и сметаат дека и другите плати треба да се движат околу минималната плата. Но, не е така, минималната плата треба да биде пресметковна основна единица врз основа на која треба да растат сите плати. Ние сите ги сведовме на минимална плата и затоа луѓето си заминуваат од државата, вели за весникот ВЕЧЕР, Иван Пешевски, потпретседател на ССМ.
Европа одамна е далеку пред нас, но последниве години не претркаа сите екс ЈУ-републики и земјите од регионот. Поради тоа најголем дел од нашите работници во угостителството и туризмот заминаа на работа во Словенија и Хрватска, а оние од градежниот сектор во Србија за повисоки плати.
-Работодавачите се надеваа дека ќе привлечат работници од Индија, Непал, Пакистан…,но не успеаја поради ниските плати. Никој не сака да работи за 350 евра плата. Се даваат пари за да се покријат нивниот транспорт и сместување, нешто што работодавците не сакаат да им го обезбедат на домашните работници, надевајќи се дека увезените кадри ќе работат за минимална плата. Но, наместо тоа, гледаме дека тие доаѓаат и по недела-две заминуваат преку нашите граници во други европски земји, велат од ССМ.
Од друга страна, Пешевски појаснува дека со плата од 22.500 денари газдите не може да очекуваат продуктивност. Нема мотивирани работници со вакви плати имајќи предвид дека нашите работници кога ќе заминат некаде во западноевропските земји се многу продуктивни, меѓутоа за многу повисоки плати.
Според последните пресметки на ССМ просечна месечна потрошувачка кошница изнесува 75.000 денари, што значи на едно семејство за да преживее му требаат две просечни плати.
-Далеку сме од Европа, но и од платите во екс ЈУ-републиките и во регионот. Во Европа просечна плата достигна 7.000, во регионот 2.000, а ние не можеме да дојдеме ни до 1.000 евра. Точно дека таму месечните трошоци за храна, струја, вода…се повисоки, но со 7.000 евра просечна плата Европејците не се заморуваат дали ќе имаат пари за храна, струја, вода, одмор, патување…., додава Пешевски.
Од ССМ велат дека ситуацијата во Македонија е таква, бидејќи од вкупниот капитал што го прават газдите во текот на годината, само триесетина проценти одвојуваат за платите на работниците, додека седумдесетина проценти остануваат за исплата на дивиденди и други инвестиции, што е едно од најниските нивоа на соодносот на плата и на капитал на работодавците.
Инаку во Европа на врвот на листата со просечен годишен нето приход од 85.582 евра е Швајцарија, односно со просечна месечна плата од над 7.000 евра. Потоа следи Исланд со просечна плата од 53.885 евра, Луксембург е на трето место со заработка од 49.035 евра, во Норвешка годишната заработувачка изнесува 45.793 евра, во Холандија – 45.249 евра.