Американска компанија развива замена за путер без животински и растителни компоненти, користејќи само јаглерод диоксид и вода. Во светот на диеталната храна, особено веганската, многу се популарни заменските верзии на месо, млеко, мајонез, сладолед и путер, за кои обично се користат хемиски обработени продукти од растително потекло.
Американскиот стартап Savor го прави својот путер буквално од воздух и вода, користејќи термохемиски процес за да создаде маснотии слични на животинските, кои немаат влијание врз животната средина како млечната индустрија и хемиски обработените растителни алтернативите.
Стартапот поддржан од Бил Гејтс започна да работи на својот путер со фактот дека сите масти се составени од различни синџири на атоми на јаглерод и водород, а потоа тргна да ги направи истите тие синџири од јаглерод и водород без да вклучува животни или растенија.
Би можело да ве интересира: ПУТЕР ИЛИ МАРГАРИН? ВЕЧНАТА ДИЛЕМА – ШТО Е ПОЗДРАВО?
На крајот тие развија процес кој вклучува земање јаглерод диоксид од воздухот и водород од водата, загревање и оксидација за да се активира одвојувањето на масната киселина, а потоа и формулацијата на маснотиите.
„Идејата да се префрлиме на лабораториски произведени масти и масла може да изгледа чудно на почетокот, но нивниот потенцијал значително да го намали нашиот карбонски отпечаток е огромен. Со користење на докажани технологии и процеси ние сме чекор поблиску до постигнување на нашите климатски цели“ напиша Бил Гејтс.
Путерот на Savor лесно се произведува, но најголемиот предизвик ќе биде да се убедат луѓето да го заменат путерот и другите млечни производи со лабораториската верзија, а главната улога во тоа ќе има вкусот, за кој Гејтс и компанијата тврдат дека не се разликува од вистинскиот.
Истражувањето на Savor е објавено во списанието Nature Sustainability.