250 МИЛИОНИ ЕВРА ГУБИ ДРЖАВАТА ПОРАДИ НЕЦЕЛОСНО ПРИЈАВЕНА РАБОТА - Дури 158 милиони евра приходи на домаќинствата не се пријавени
Во однос на непријавените приходи најголем процент 70,4% се од кирии, а остатокот го сочинува делот од непријавената плата 3,7% или од самовработување 7,8%.
Голем број работници во земјоделството, трговијата и градежништвото не се пријавени, а во преработувачката индустрија работат, но се делумно пријавени, а нивните приходи остануваат скриени за државата бидејќи дел или целата плата ја примат „во плико“. Повеќе од една петина од сработеното останува непријавено. Поради ваквата појава државниот буџет е покус за стотици милиони евра.
Ова го покажуваат податоците од нова студија на Finance Think -институт за економски истражувања и политики – „Грануларно испитување на неформалната економија и увид во неформалните работници, непријавената работа и нецелосното пријавување на доходот во домаќинствата”.
Според истражувањето 11,8% од вработените се непријавени – неформални работници. Половина од нив се концентрирани во земјоделството, од кои доминантен дел се неплатени семејни работници. Други два важни сектори за неформалните работници се градежништво и трговија. Тие обично работат во мали фирми, функционирајќи како самовработени лица или неплатени членови на семејството, често заработувајќи плата под минималната.
-Овој вид работници претежно се мажи со низок степен на образование, освен кај неплатените семејни работници каде што доминираат жени – утврдило истражувањето.
Но, велат експертите загрижува појавата на нецелосно пријавената работа која е далеку позначајна и пообемна отколку целосно непријавените работници. Податоците покажуваат дека дури 21,1% од вкупниот број работници се нецелосно пријавени што е 69,7 милијарди денари од бруто додадената вредност (БДВ). Тоа се, околу 250 милиони евра изгубен годишен приход во буџет, само по таа основа.
Појавата на нецелосно пријавени работници ја има во повеќе сектори, со најголем обем во апсолутна смисла во преработувачката индустрија.
Наодите во истражувањето укажуваат на разни манифестации на непријавената работа низ секторите, во преработувачката индустрија главно како „плата во плико“.
Истражувањето оценува дека вкупно, 9,7 милијарди денари (158 милиони евра) од приходите на домаќинствата во земјава не се пријавени. Во овој износ приходите од вработување имаат минимална улога, со само 3,7 % но во апсолутна смисла околу 6,8 милијарди денари (111 милиони евра).
Во релативна смисла најзначајни се приходите од изнајмување (кирии) со стапка на непријавување од 70,4%, што еднакво на 300 милиони денари (4,9 милиони евра). Непријавените приходи од самовработување се проценети на износ од 7,8%, 2,6 милијарди денари (42,3 милиони евра).