Сè повеќе Македонци последниве години летуваат на егзотични дестинации. Трендот да се оди на одмор во Египет, Тунис, Малдиви…, да се сликаат и да објавуваат слики на социјалните мрежи зема се поголем замав. Дел од Македонците можат да си го дозволат овој луксуз, но има и такви кој земаат кредити за да летуваат во некоја егзотична дестинација. Од туристичките агенции велат дека и покрај тоа дека цените се „солени“, има голем интерес за летување во Тунис, Хургада, Анталија, Бодрум….
- За Тунис, Хургада, Анталија, Бодрум имаме директни чартер летови од Скопје до местото на летување кои се целосно пополнети. Имаме еднаш нделно чартер лет за Тунис, два пати неделно за Хургада и за Бодрум и секој ден за Анталија. Сместувањето е претежно во хотели на база на „ол инклузив“, а аранжманите се по 6 ноќи. Најевтиното летување во Тунис во висока сезона во август чини 530 евра по лице. Тука е вклучена авионска карта, трансфер до хотелот, сместување и храна. Во Хургада за 6 ноќи најевтино ќе платите 542 евра, во Анталија е нешто поскапо и ќе ве чини 595 евра по лице. Иста е цената и во Бодрум во поевтините хотели за 6 ноќи ќе платите околу 500 евра по лице, вели за весникот ВЕЧЕР, Марија Вељановска, од една скопска туристичка агенција.
Таа додава дека во поскапите хотели цените се посолени и оти има клиенти на кој не им е толку важна цената, туку бројот на ѕвездички на хотелот, луксузот и комоцијата на летување.
-Во некој од полуксузните хотели цените се многу посолени. Така на пример во Тунис за 6 ноќевања во еден од полуксузните хотели ќе платите 2.524 евра за 6 ноќи за две лица, односно 1.250 евра по лице. И во другите хотели цените се движат тука некаде, односно од 1.200 евра по лице па нагоре. Но, има и хотели во Анталија на пример кој чинат и над 2.000 евра по лице, додава Вељановска.
Што се однесува до поегзотичните дестинации како Малдиви, Занзибар, Куба… од агенциите велат дека има помалку интерес, бидејќи се работи за подалечни дестинации за кој нема директни чартер летови, а и цените се нешто повисоки. Цените изнесуваат од 1.200 евра по човек па нагоре во зависност од местото, хотелот, дали е во висока сезона…
-Цените за подалечните егзотични дестинации се различни и зависат од повеќе фактори. Прво, многу е важно во кој период од годината сакате да патувате. Второ, важна е и далечината на земјата во којашто сакате да летувате, а важен е и изборот на хотелите. Најчесто цените се движат од 1.200 евра по лице, а во таа цена е вклучен авионскиот превоз, сместувањето и такси-превозот од аеродромот до хотелот и обратно, велат од агенциите.
Од агенциите појаснуваат дека и покрај тоа што се далеку овие дестинации се доста интересни за оние кои сакаат малку понеобичен одмор. Еднаш се оди во Занзибар или на Куба, не можеш секоја година таму да одиш на одмор.
Една од најатрактивните дестинации е Дубаи, но засега авионскиот превоз е сè уште премногу скап. Едно летање до Дубаи чини од 500 до 1.000 евра по лице, па Македонците најчесто се одлучуваат за Тунис или Египет.
Без оглед на цените и на месечните примања, голем дел од Македонците за да го остварат својот одмор од соништата земаат кредити и потоа истиот го плаќаат на рати цела година. Велат дека еднаш се живее и оти треба да се види Занзибар, Тунис, Египет…