Македонија се соочува со огромен број на млади пензионери кои се повлекуваат од работниот процес поради бенифициран стаж.
Оваа тенденција е особено изразена кај поранешните полицајци, инспектори и пожарникари, кои често заминуваат во пензија на возраст од 50 години, значително порано од стандардната пензионерска возраст од 64 години.
Иако официјално се пензионери, многумина од нив продолжуваат да работат на црно, претежно како доставувачи, курири, или возачи на камиони и автобуси, бидејќи сè уште се чувствуваат продуктивни и способни за работа.
Со оглед на сериозниот недостиг на работна сила со кој се соочува земјата, економските експерти предлагаат измена на законот за работни односи, која би им овозможила на овие млади пензионери легално да продолжат со работа.
Би можело да ве интересира: Каде да работите ако сакате странска пензија? Еве колкави пензии земаат во Германија, Австрија и Шведска
„Промената на законот би придонела кон решавање на еден од најголемите проблеми во нашата економија – недостигот на работна сила. Истовремено, би им овозможила на младите пензионери да ги искористат своите вештини и искуства на начин кој е корисен за општеството“, велат економистите.
На тој начин, додаваат тие, на пензионерите само ќе им се плаќа персонален данок, а пензијата ќе продолжат да си ја земаат.
„Овој начин на надминување на недостигот на работна сила постои во многу европски држави и добро е да се воведе и кај нас во услови на недостиг на работна сила“, појаснуваат експертите.
Според нив, оваа мера би можела значително да придонесе кон стабилизација на пазарот на трудот и да го зголеми бројот на активни работници, што е од суштинско значење за економскиот развој на земјата.
Од бизнис-секторот појаснуваат дека најголемиот недостиг на работна сила во Македонија се чувствува во летните месеци кога голем број работници одат на сезонска работа во соседните земји.