Во Црна Гора за оставање предмети на плажа без надзор за да се зачува место на песокот, туристите плаќаат казна 100 евра, а за фирмите кои ги окупираат плажите казната е 7.000 евра. Туристите во Хрватска ги чекаат казни од 100 до 200 евра во зависност од локацијата, додека Шпанците одат подалеку, па казнуваат со 300 до 3.000 евра
Откако Грците ги ослободија плажите од „пешкир резервациите“ вакви акции се преземаат и на хрватското и црногорското приморје, а од пред извесен период и во Шпанија. И додека во Грција се отстрануваше нелегално поставениот инвентар со кој се чува место на плажа, без да се соопшти дали и колкави казни се предвидени за туристите, на јадранскиот брег, како и во Шпанија се преземаат подрастични мерки. На оние кои ќе се осмелат со оставен пешкир, чадор за сонце, лежалка и слично, да си резервираат место на преполните плажи, таму им следуваат парични казни кои се движат од 100 до 3.000 евра.
Веќе стана редовна практика туристи, без разлика каде летуваат, рано изутрина, а некои и во текот на ноќта, да постават пешкири на плажа – еден или повеќе од зависност од тоа колкаво е друштвото – за кога ќе дојдат да не бараат каде да се сместат. Но, локалните власти решија да стават крај на ваквото однесување, па комунални инспектори го „чешлаат“ секое делче на најпосетените летувалишта. Така, Секретаријатот за инспекциски и комунален надзор на Општина Тиват во Црна Гора и Комуналното претпријатие „Тиват“ оваа сезона организираа неколку акции за отстранување на пешкирите, пластичните шишиња и другите предмети со кои посетителите се обидуваат да си резервираат место на плажа. Црногорците воведоа и казнување за ваквото однесување. Од Општина Тиват порачаа дека нема да ја толерираат таа појава и апелираа до граѓаните да не оставаат предмети на плажа. Казната за кршење на тоа правило е 100 евра за физички и до 7.000 евра за правните лица.
Ваква битка со непристојните туристи се води и во Хрватска. Акција за собирање на пешкирите од плажа е спроведена во општината Колан на Паг. На Нови Винодолски оние кои оставаат реквизити на плажа ги чека казна од околу 200 евра.
-Доаѓаме и нема каде да се сместиме, преполно е. Исто е и кога се оди во вода, луѓето ставиле пешкири, не можеш да пројдеш до морето, Изјавила Драгица Хакаловиќ од Словенија.
Во општината сметаат дека туристите претерале, па така, секое утро околу шест часот, комуналните редари ги носат оставените пешкири во неколку километри оддалечен склад, но сопствениците ретко доаѓаат да си ги земат.
Војна со туристите кои си присвојуваат дел од плажите води и Шпанија. Местата Алгаробо, Велез Малага и Торокс одобриле парична казна до 300 евра за оние кои го оставаат своите работи без надзор со единствена цел чување место на плажа. Во местата Кулера, Оропеса и Калпе, во околина на Валенсија, казните се построги и достигнуваат до 3.000 евра.
-Нечесно е првата линија крај море, која сите толку ја сакаат, да биде резервирана. Редовно пронаоѓаме напуштени столови, чадори за сонце и други работи, вели за агенцијата ЕФЕ Ванеса Лопез, задолжена за плажите во градското собрание на местото Торокс и додава дека сега има правилник за забрана за „резервација на физичкиот простор на плажите“ во кој било дел од денот или ноќта.
Полицијата патролира постојано и ако најде оставени предмети ги зема, а за да си ги преземе, сопственикот треба да плати 30 до 50 евра. Ако не се подигне за 14 дена, запленетиот предмет се третира како отпад.