Државните инспектори за труд издадоа 16 решенија за забрана на работа вчера и завчера поради непочитување на препораките за заштита од топлотниот бран, откако откриле дека работниците се изложени на високи температури во периодот од 11 до 17 часот, според информациите објавени од Државниот инспекторат за труд (ДИТ) за МИА.
За време на инспекциските проверки извршени на 12 и 13 август, деновите кога Владата издаде препораки, беа издадени уште 19 решенија со наредби за следење на препораките за превенција и заштита на работниците за време на топлотниот бран.
Во согласност со прогласената портокалова фаза и препораките за работа за време на топлотен бран, државните трудови инспектори извршиле вкупно 139 инспекциски надзори вчера, вклучувајќи 125 вонредни надзори и 14 контроли во области каде работниците се изложени на неповолни микроклиматски услови, или директно на високи температури на отворено или на топлинско зрачење за време на работа.
Исто така, издале 11 решенија до работодавачите со наредби за следење на препораките, и седум решенија за забрана на работа за време на највисоките температури од 11 до 17 часот, каде работниците се директно изложени на топлина.
Од ДИТ информираа дека завчера се спроведени 145 инспекциски надзори од кои 129 вонредни и 15 контролни надзори кои резултирале со осум решенија со наредба за почитување на препораките и девет решенија за забрана за работа. Во тек на претходните топлотни бранови летово во тек на 1140 инспекциски надзори на ДИТ биле изрешени 95 решенија со наредба за почитување на препораките, како и 79 решенија за забрана за работа.
Во сите случаи каде е изречена забрана за работа во наведениот временски интервал, како што информираат од Инспекторатот, работодавачите ја почитувале забраната за работа односно прекинале со работни активности.
Со владините препораки за намалување на ризиците од високите температури беа ослободени од работни обврски бремените жени и лицата на возраст над 60 години, а работодавачите добија обврска да ги реорганизираат работните активности на градежните работници и на работниците кои работат на отворено, со тоа што ќе се избегне вршење градежни и други работни активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот.
Препорака имаше и за почитвање на законските прописи со оглед на фактот дека одредени ризични производни и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници.