Последниве години сè поголем број Македонци се одлучуваат да летуваат во хотел. И покрај тоа што годинава хотелското сместување е поскапено од лани за повеќе од 20 отсто, интерес има.
Од агенциите велат дека предноста доколку сте сместени во хотел е што нема да размислувате за појадок, ручек, вечера…Некои хотели имаат и сопствени плажи со лежалки, така што нема да мислите дали ќе најдете слободна лежалка и колку чинат пијалаците. Последниве години се поголем број Македонци бараат хотелско сместување, а освен за подалечните дестинации има интерес и за хотелско сместување во Грција. Но за разлика од претходните години хотелите во Грција годинава се поскапи од оние во Хургада и Тунис.
– За Грција има голем интерес за хотели со пониска категоризација со 2, 3 и 4 ѕвезди кои нудат ноќевање со појадок и ноќевање со појадок и вечера. Но, за разлика од лани, хотелското сместување во Грција годинава е поскапено за повеќе од 20 отсто и цените се повисоки од хотелите на пример во Хургада и Тунис. Цените за седум ноќевања со појадок за двајца во сезона се движат од 500 до 800 евра. За полупансион, односно појадок и вечера во хотел во август ќе платите од 1.000 до 1.400 евра. Додека пак ол инклузив аранжманите се поскапи и се движат од 1.500 евра па нагоре за сместување во хотел со 5 ѕвездички, изјави за весникот ВЕЧЕР, Елена Дренковска од една скопска туристичка агенција.
За разлика од Грција, Хургада е поевтина и цените за хотелско сместување се движат од 450 до 500 евра по лице за ол инклузив аранжманите.
– Бидејќи се работи за директни чартер летови од Скопје до местото на летување, во овие 1.000 евра покрај хотелското сместување вклучено е и трансфер од аеродромот до хотелот. За Хургада има влезна виза која чини 200 долари по човек. Што се однесува до Тунис цените се исти и се движат од 450 до 500 евра по лице за седум ноќевања во хотел. За Тунис не се плаќа влезна виза и е доста барана дестинација, бидејќи има убави хотели, убави плажи и добар ол инклузив сервис. Имаме еднаш неделно чартер лет за Тунис, два пати неделно за Хургада. Клиентите што веќе биле се задоволни и ни се враќаат повторно, вели Дренковска.
За разлика од претходните години годинава Турција е скапа и интересот е помал.
– Два пати неделно имаме директни чартер-летови од Скопје до Бодрум и секој ден од Скопје до Анталија. Сместувањето е претежно во хотели на база на „ол инклузив“. Во Анталија, за 6 ноќи, ќе платите 595 евра за лице, иста е цената и во Бодрум, каде што во поевтините хотели, за 6 ноќи, ќе платите околу 500 евра за лице. Тука се вклучени авионската карта, трансферот до хотелот, сместувањето и храната, велат од туристичките агенции.
Оттаму додаваат дека во поскапите хотели, цените се „посолени“ и оти има клиенти на кои не им е толку важна цената, туку бројот на ѕвездички на хотелот, луксузот и комоцијата на летувањето. Така, на пример, има хотели во Анталија што чинат и над 2.000 евра за лице.
Од агенциите појаснуваат дека и покрај тоа што Хургада (Египет) и Тунис се далеку, се мошне интересни за оние кои сакаат малку понеобичен одмор.