Струмица е прв град на Балканот со целосно електричен јавен превоз. Градоначалникот Костадин Костадинов рече дека општината набавила 10 електрични автобуси во вредност од 7 милиони евра по пат на лизинг.
Автобусите моментно се во фаза на процедурата за царинење, регистрација и осигурување и се очекува од 1 до 6 септември да бидат доставени во Струмица, а од 11 септември да бидат ставени во тест возење во траење од најмалку еден месец, период кога ќе има бесплатен јавен превоз за граѓаните, со цел да се отстранат евентуалните недостатоци.
„Испишуваме историја како граѓани на Струмица од причина што нашата општина досега немаше јавен превоз, а во исто време не може да се занемари фактот што Струмица е еден од градовите кој се соочува со енормна загаденост на воздухот. Кога се соочуваме со такви предизвици неопходно е да правиме револуционерни и радикални иницијативи и проекти како што е електрифицираниот јавен превоз со што стануваме првиот град на Балканот со имплементиран целосно електрифициран јавен превоз“, изјави Костадинов.