Соочувајќи се со непрекинати предизвици, автобускиот превоз во нашата земја се наоѓа во сериозна криза.
Според последните податоци објавени од Државниот завод за статистика, во второто тримесечје од 2024 година, забележано е значително намалување на бројот на превезени патници за 15,1% во споредба со истиот период минатата година.
Оваа тенденција на намалување е присутна во сите сегменти на превозот, со најголем удар врз меѓународниот превоз, каде што падот е алармантен – цели 30,3%.
Покрај бројот на патници, и патничките километри се намалени за 19,5%, што укажува на значително опаѓање на патувањата. Во градскиот превоз, бројот на патнички километри е намален за 13,6%, додека во приградскиот и меѓуградскиот превоз намалувањето е 13,7% и 0,9% соодветно.
Меѓународниот превоз, кој традиционално се смета за ‘рбетот на автобускиот сектор, сведочи за намалување од 29,7% во патничките километри.
Во разговор со вработен возач на меѓународен автобус, кој поради приватноста побара да остане анонимен, Денар дознава дека ситуацијата на терен станува сè посериозна.
„Често се случува да возам тура со само петмина патници во автобусот”, изјави тој, додавајќи дека „ова не само што е економски неодржливо, туку и деморализирачки за сите нас во индустријата“.
Овие бројки се одраз на поголемите економски и социјални промени кои се случуваат во земјата и светот.
Целиот текст можете да го прочитате на denar.mk