Во септември пензионерите ќе имаат на располагање дополнителни 2.500 денари. Со тоа, власта ќе ја реализира првата рата од ветеното линеарно зголемување на пензиите за пет илјади денари. Втората ќе биде во март идната година.
Што ќе биде понатаму, како пензиите ќе се усогласуваат со промените кај просечната плата и инфлаторната стапка, кон кој начин на корекција ќе се пристапи – процентуален или линеарен, ќе зависи од кондицијата на државната каса. Така вели премиерот, кој патем потврди дека се прават подготовките за линеарната исплата.
Според последните податоци од Фондот за пензиското и инвалидското осигурување, кои се однесуваат за јуни, во државата има 341.146 корисници на пензија. Кога овој број ќе се помножи со 2.500, излегува дека во старт се неопходни дополнителни 852.865.000 денари, односно 13,86 милиони евра. До март и за исплата на шест пензии со додани 2.500 денари, во буџетот ќе треба да има плус 5.117.190.000 денари (83,2 милиони евра). По втората рата, уште толку. Воедно, ПИОМ одамна е буџетски зависник.
Пензионерите бараа линеарно зголемување иако се добар дел од нив се свесни дека пензискиот систем се соочува со преголеми трошоци – сам за себе троши од 2 до 2,5 проценти од БДП. Па, заложбите беа и се уште се проблемот со најниските пензии да се решава со посебен закон за минимална пензија.
По јунската статистика на ПИОМ, просечната пензија е 21.241 денар, а 87.860 лица ги примаат најниските законски дозволени пензии. Највисоката пензија од 80.280 денари ја користат 27 пензионери – забележан е еден корисник кои овие пари ги добива по основ на семејна, а 26 како стекната старосна пензија.