Новите правила за влез во Шенген, значително ќе го усложнат патувањето за македонските граѓани.
За граѓаните ова е чекор назад. Оние кои патуваа во времето кога имаше визи, велат дека новите правила донекаде ги потсетуваат на тој период. Ги прашавме за мислење вработените во туристичките агенции, но и од невладиниот сектор, бидејќи често посетуваат конференции, семинари, соработуваат со странци, и тие велат дека новите правила ќе им отежнат. Но, додаваат дека треба да се види како тие мерки ќе функционираат на терен. Знаеме дека агенциите редовно организираат шопинг тури во Солун, но и во Софија.
„Препоставувам дека тоа ќе го усложни патувањето. Треба да видиме како ќе оди. Препоставувам дека ќе имаме време да се навикнеме. Тоа е тоа, живееме каде живееме, не знам што да кажам, наместо напред, одиме назад. Како што им помогнавме на нашите патници во време на корона за пополнувањето на формулари, така ќе помогнеме и понатаму на повозрасните. Најверојатно на почетокот ќе биде потешко, но прилагодливи сме. Ќе се снаоѓаме“, вели Александар Чоневски од Игуана Травел од Скопје.
Од невладиниот сектор објаснуваат дека имаат прекугранични проекти со Бугарија, Грција и тоа ќе се одрази на динамиката на работата. Велат дека имало ситуации кога еден човек се откажува да оди на настан преку граница, и истиот ден се пријавува друго лице како замена, но со новите правила нејасно е дали во тој случај ќе има време на лицето да му се одобри влез во Шенген.
„Дефинитивно ќе го усложни патувањето. Како што разбирам, можеби сум во грешка, но читав и истражував, прво треба да се регистрира профил, и за регистрација треба да се платат 7 евра и тоа ќе трае 3 години или до истекот на патната исправа. При секое патување во ЕУ, треба да се најавиме и во рок од 24 часа да добиеме дозвола или одбивање. Ние сме регион кој граничи со земји од Шенген системот, еве имаме конкретно проект со Грција и на дневна основа патуваме во Солун. Во тој формулар не можеме да наведеме каде престојуваме, затоа што наутро одиме и се враќаме попладне. А тоа што ќе значи за жителите на Гевгелија, Битола не знам, оти одат и се враќаат во ист ден. Во тој формулар треба да се наведе на кој граничен премин ќе поминеме, а ако има гужва на Богородица, на Дојран нема да можеме да одиме, сме се најавиле за Богородица. Многу ќе се искомплицира патувањето“, вели Методија Стојчески од Младински сојуз Крушево.
Друго прашање е со сместувањето и велат дека ако е резервиран хотел, а лицето не добие дозвола за влез во Шенген, пак работите се комплицираат. Нашите соговорници замолуваат барем дипломатијата да помогне, да има олеснувања за патувања во регионот.
Од 10 ноември годинава важат новите правила за влез во земјите од Европската Унија(ЕУ) за граѓаните од државите од Западен Балкан, вклучувајќи ја и Македонија. Влезот во ЕУ, плус земјите на Швајцарија, Норвешка, Исланд и Лихтенштајн, кои се дел од Шенген системот, ќе имаат посебни протоколи за влез на граѓаните на земји кои не се дел од ЕУ, односно на околу 60 држави.
За идното лето ќе се имплементира на вториот Европски систем за информации и овластувања за патување (ETIAS) што значи дека патниците од земјите кои имаат безвизен режим со ЕУ, мора да аплицираат онлајн за дозвола за влез, со плаќање на надоместок од седум евра.Таксата нема да ја плаќаат лицата под 18 и над 70 години, сопружниците/регистрираните партнери и децата на државјаните на ЕУ и земјите од Шенген зоната, како и децата на сопружниците/партнерите кои доаѓаат надвор од ЕУ.
ЕТИАС ќе бара од граѓаните од околу 60 земји да потполнат посебен формулар преку компјутер или преку мобилна апликација пред да патуваат. При првото пополнување на апликацијата, патникот внесува лични податоци, електронска пошта и телефонски број, како и детали од патната исправа. Патникот исто така ќе треба да внесе детали за образованието и тековното вработување, како и детали за планираното патување и престој во земјата на ЕУ. Ќе се бараат и детали за какви било кривични пресуди, минати патувања во воени зони или конфликтни зони, како и информации за тоа дали лицето е депортирано од која било земја. На лицата без овластување за ETIAS ќе им биде одбиен влез на граница.
Дури и добивањето на тој сертификат не значи дека на патникот автоматски му се дозволува влез во земјата на ЕУ. Сите патници сепак ќе бидат проверени и граничен службеник може да одбие влез на лице кое не ги исполнува условите.