“Кажи ми нешто за себе“ – ова е едно од најчестите и најтешки за „измамување“ прашања што може да се постават на интервју за работа.
Најчесто ова прашање се поставува за да се „скрши мразот“ на почетокот на разговорот. Но, ова прашање може да ве натера да се чувствувате исплашено.
„Иако тоа е најчестото прашање на интервју за работа, тоа многумина ги збунува. Има толку многу кои реагираат со страв и си поминуваат низ својата биографија во главата“, вели Џулија Полак, главен економист на американската агенција за вработување ZipRecruiter.
Бидејќи прашањето „кажи ми за себе“ обично се поставува на почетокот на интервјуто, вашиот одговор може да го даде тонот за остатокот од разговорот.
„Ако имате долготраен, досаден одговор, тоа може да доведе до брз крај на интервјуто. Не сакате да навлегувате во долго резиме на вашата животна приказна и биографија“, истакна регрутерот за вработување Џеф Хајман.
Наместо тоа, како што предложи Хајман, размислете за ова прашање како можност да оставите силен прв впечаток. Одговорот на ова прашање треба да биде краток (не подолг од една или две минути), истакнувајќи ги вашите силни страни, релевантното искуство и зошто сакате да ја работите работата за која сте аплицирале.
Хајман рече дека може да размислите и за спомнување на неодамнешниот предизвик во кариерата што сте го надминале и што сте научиле од него.
„Звучи контраинтуитивно, но малкумина кандидати ќе помислат да го направат тоа, па ќе привлече внимание. Кога ќе побарам од кандидатот да ми каже за себе, јас барам самосвест и зрелост, а самоуверено зборување за предизвиците ми покажува дека ги имаш тие квалитети“, објасни тој.Хајман.
На пример, можете да кажете: “Еден од периодите на мојот професионален развој, кој ме обликуваше, беше мојата прва работа по факултетот. Личноста која ме вработи даде отказ набргу откако почнав да работам, и на почетокот ми беше тешко да се прилагодам на стилот на управување на мојот нов шеф. Но, тоа искуство ме научи да бидам поприлагодлив и да соработувам ефективно на работа.
Ако ви е непријатно да зборувате за неуспех, Хајман предложи да истакнете пример за тоа како сте покажале лидерство на работа. Имено, можете да кажете: “Нешто што неодамна го научив за себе е дека сум страстен да водам тим и да собирам луѓе околу целта. Во мојата последна компанија бев еден од водачите на една од групите вработени. Организирав волонтерски проекти со некои колеги, што беше толку драгоцено искуство“.
Вилијам Вандербломен, извршен директор на Vanderbloemen Search Group, посочи дека менаџерите го користат и прашањето „кажи ми за себе“ за да ја измерат вашата самодоверба и да добијат пулс за вашите цели и приоритети.
Тој нагласи дека е важно да го прилагодите вашиот одговор на конкретната работа за која аплицирате, фокусирајќи се на вештините и искуството кои се најрелевантни, пишува CNBC. На пример, ако аплицирате за позиција на програмер во растечка технолошка стартап компанија, може да кажете:
„Во овој момент од мојата кариера, научив дека навистина уживам да работам во динамична, агилна средина. Не можам да издржам да седам мирно и да го правам истото секој ден. Секогаш сум желен за нови предизвици. Една работа ми се допаѓа во вашата компанија што моментално сте во фаза на раст, возбуден сум што ќе придонесам за овој раст, ќе се прилагодам и ќе ја поддржувам работата на другите тимови колку што можам.