Универзитетот Скопје е препознатлив по иновативниот пристап во високото образование од областа на економијата и бизнис-менаџментот. Нудиме студиски програми дизајнирани според светски стандарди, усогласени со новите трендови во бизнисот и со потребите на пазарот на трудот на национално и на меѓународно ниво.
Се стремиме кон академска извонредност. Ги подготвуваме студентите за успешна кариера со вистинска мешавина на теоретско и практично знаење, со цврста работна етика, со чувство за лична и општествена одговорност, критичко размислување, со претприемачки вештини за глобална перспектива.
Посветени сме на создавање идни генерации на бизнис лидери, креативни и иновативни професионалци што ќе направат разлика во деловниот свет со промовирање лидерска перспектива од претприемачка гледна точка. Изберете една од нашите студиски програми за вашиот пат кон личен и професионален развој.
Студирајте според уникатна методологија: Стекнете ги потребните знаења, вештини и компетенции за конкурентска предност на работните позиции во земјата и во странство. Стекнете меѓународно призната диплома. Обезбедете си незаменливо практично искуство: веруваме дека вистинското учење доаѓа преку практичната работа. Нашите студенти работат на реални проекти, соработуваат со успешни компании и реализираат стажирања што ги подготвуваат за водечки улоги во која било индустрија.
Развивајте ја вашата глобална перспектива: Нашиот кадар со долгогодишно работно искуство ве подготвува за да успеете на меѓународната сцена, а сето тоа надополнето со меѓународни студиски патувања, размена со странски универзитети и предавања од меѓународно признати експерти.
Започнете го вмрежувањето: Ако сте дел од нашата академска заедница, значи дека сте дел од мрежа на амбициозни професионалци и успешни алумни. Овие контакти можат да бидат вашиот најголем ресурс, денес и во иднина.
Придружете ни се на Универзитетот Скопје ако сакате да го следите својот сон за кариера во бизнисот, менаџментот, маркетингот и финансиите. Станете дел од нашето академско семејство и остварете ги вашите амбиции.
Проф. д-р Лидија Горачинова-Илиева, декан на Факултетот за информатика на Универзитетот Скопје.
Зошто да го изберат идните студенти Факултетот за информатика на Универзитет Скопје?
Постојат неколку добри причини зошто да се студира на Факултетот за информатика на Универзитетот Скопје.
Атрактивна студиска програма
Во 2023 година добивме акредитација за нова студиска програма, базирана на нашите искуства од претходната, во која вградивме промени што произлегуваат од новините во компјутерските науки и нивната современа примена. Во нејзината концепција, појдовна точка ни беа следниве цели:
Прво, преку оваа студиска програма им овозможуваме на студентите стекнување фундаментални знаења и вештини неопходни за профилот дипломиран инженер по информатика. Тоа подразбира изучување низа информатички дисциплини како програмирање, алгоритми, бази на податоци, компјутерски мрежи, софтверско инженерство, безбедност на компјутерски системи и вештачка интелигенција преку повеќе предмети. Нивната комплементарност и сеопфатност е гаранција дека студентите ќе се изградат во високостручни дипломци кои брзо и лесно ќе се адаптираат на широката понуда на занимања од полето на компјутерските науки на пазарот на труд.
Понатаму, програмата им нуди на студентите и интердисциплинарни предмети (Економија за ИКТ-инженери, ИКТ-претприемништво, Маркетинг во ИКТ, Е-влада, Електронска и мобилна трговија, Социјални мрежи и медиуми, Дигитализација, итн.), преку кои попродлабочено се остручуваат за апликативна дејност и во други сектори. Воедно, студиската програма содржи и предмети за попродлабочена специјализација во одредени информатички дисциплини.
Нашата студиска програма по информатика е висококомпатибилна со студиските програми од областа на компјутерските науки на државните универзитети, со што обезбедуваме ефикасен трансфер, без да се изгубат кредитите стекнатите од претходните студии. Сето ова ги прави студиите по информатика уште поатрактивни.
Методологија на Универзитетот Скопје
Нашиот универзитет е познат по специфичната методологија на студирање и строга уреденост кога е во прашање начинот на реализација на предметните обврски. Таквата преддефинирана низа на активности по секој предмет, со јасни и прецизни критериуми, овозможува од една страна ефикасен систем на студирање, а од друга страна обезбедува студентите да се стекнат со вредносно изразување на своите компетенции на транспарентен и крајно објективен начин. Кратко кажано, знаењата на нашите студенти се мерливи, а начинот на репрезентација на нивното ниво е усогласен и со европскиот и со американскиот стандард за изразување на знаењата. Ова ги прави нашите дипломи препознатливи во сите земји, што е предуслов за нивна брза еквиваленција и признавање.
Флексибилност за потребите на студентите
На Универзитетот Скопје може да се пофалиме со голем диверзитет на студенти од најразлични категории: редовни студенти што се запишуваат веднаш по завршеното средно образование, т.н. трансфер-студенти, кои претходно студирале на други универзитети и во еден момент решиле да го продолжат своето образование кај нас, вонредни студенти кои се вработени, повозрасни студенти кои првпат или со претходна пауза подоцна студираат и странски студенти.
Како факултет чии групи за работа со студенти се мали, нашиот академски кадар го насочува целокупниот свој стручен и педагошки потенцијал кон индивидуализираниот пристап во наставата, за секој студент поединечно. Долгогодишното искуство на нашите наставници им овозможува тие да ги детектираат специфичните потреби на студентите и со нивна помош тие успешно да напредуваат, независно дали станува збор за пониско ниво на предзнаења, или спротивно, напредни барања, или пак приспособување на системот на учење кон различни лични околности на студентите, како што е, на пример предизвикот, едновремено да се работи и да се студира.
За вонредните студенти што се во работен ангажман, организираме концентрирани предавања и подготвителни вежби за полагање во флексибилни временски термини. Нашите професори се секогаш достапни за да им излезат во пресрет на потребите. Токму затоа, нашиот систем на работа со студентите, за разлика од повеќето на други информатички факултети, овозможува со успех да ги усогласиме барањата на сè поголемиот број студенти што се одлучуваат паралелно да работат и да студираат.
Усогласеност со потребите на ИТ-компаниите
Во новата студиска програма, покрај освежување на содржините што се диктирани од напредокот на компјутерските науки и современите педагошки трендови, ги вградивме и актуелните барања на ИТ-секторот кај нас, кој е многу динамичен и зависи повеќе од глобалните трендови одошто од нашите локални специфики во Македонија.
Иако потребите од информатички кадар варираат во однос на квантитетот и потесната специјалност, општиот тренд на експанзија и доминација на овој сектор во однос на повеќето други ќе продолжи и покрај привремените периодични стагнации.
Нашите студенти за време на студиите имаат можност да ја искусат практичната работа во реалниот сектор преку платена или волонтерска работа во различни ИТ-компании и во компјутерските центри на одредени јавни институции. На тој, начин тие ги надградуваат и ги збогатуваат знаењата и вештините здобиени на факултетот и се стекнуваат со непроценливо искуство што претставува нивна додадена вредност на пазарот на труд. Информациите говорат дека во овој процес, работодавците се задоволни, а дел од студентите се вработуваат во тие компании. Колку што имам јас сознанија, ниту еден наш дипломиран студент нема проблем со вработување.