Унгарската авиокомпанија „Визер“ и во наредните четири години ќе добива субвенции од државата за летови од Меѓународниот аеродром Скопје и аеродормот „Свети Апостол Павле“ во Охрид.
Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески изјави дека јавниот повик за финансиска поддршка на авиокомпании е завршен и на него се пријавила само компанијата „Визер“. По извршената евалуација на понудата од страна на Комисијата надлежна за спроведување на јавниот повик, утврдено било дека „Визер“ ги исполнува сите услови и критериуми наведени во повикот.
„Согласно критериумите, авиокомпанијата ‘Визер‘ има обврска да започне со оперирање на најмалку четири нови дестинации од аеродромот ‘Свети Апостол Павле‘ во Охрид и тоа првите две до 26 март 2019 година, а останатите две во рок од една година од денот на склучување на договорот. Исто така има обврска да воспостави и две нови линии од Меѓународниот аеродром Скопје до 26 март 2019 година и истите да ги опслужува најмалку две години. Сакам да ѝ честитам на компанијата „Визер“. Тие и понатаму остануваат сериозен партнер на Владата во развој на авиосообраќајот во земјава“, рече министерот Сугарески.
Од буџетот на државата за субвенционирање на нискобуџетната компанија од 2019 до 2022 година, предвидени се 5 милиони евра. „Визер“ ќе добие еднократна финансиска поддршка во износ од 40.000 евра за секоја нова дестинација воведена од Меѓународен аеродром Скопје и аеродром „Свети Апостол Павле“ – Охрид. За новите воведени дестинации Министерството за транспорт и врски ќе дава финансиска помош и за секој патник.
извор: skopjeinfo.mk