Европската комисија ќе предложи продолжување на постојната забрана за пушење на отворени простори, според нацрт-предлогот пренесува „Еуроњуз“.
Според медиумот, плановите што треба да бидат усвоени од извршната власт на ЕУ денеска, ќе ги прошират актуелните упатства од 2009 година насочени кон намалување на изложеноста на пасивно пушење на јавни места, работни места и во јавниот превоз.
Европската комисија ќе препорача забрана за пушење на терасите на кафулињата, автобуските постојки и во зоолошките градини. Најновата верзија на нацртот, која сè уште е предмет на промени, се обидува да ги исчисти јавните простори од сите аеросоли, а не само од чадот од цигарите, така што е-цигарите исто така ќе бидат вклучени во забраната.
Упатствата не се правно обврзувачки, но обезбедуваат рамка за земјите членки да ја следат како дел од пошироките напори за борба против ракот на белите дробови предизвикан од пушењето. Комисијата тврди дека во првите неколку години од спроведувањето во 2009-2012 година веќе има пад на изложеноста.
Новите препораки на Комисијата имаат цел да се справат со поширок опсег на новите тутунски производи, вклучително и „загреани тутунски производи и електронски цигари, без разлика дали содржат никотин или не“.
Овие производи, кои често се прогласуваат за побезбедна алтернатива на традиционалното пушење, сè уште ги изложуваат случајните минувачи на штетни хемикалии. „Доказите за употребата на нови производи како помош за откажување од пушење се неубедливи“, се вели во документот.
„Појавените докази сугерираат дека гасовите од електронските цигари исто така ги изложуваат пасивните пушачи на сериозни нивоа на токсични честички и загадувачи“, се вели во нацртот, стои во написите.
Клучна карактеристика на предлогот е проширувањето на забраната за пушење на разни отворени простори, што досега беше регулирано од случај до случај во одделни земји членки.
Според новите упатства, отворените или полуотворените простори, дефинирани како делумно покриени или затворени простори како што се покриви, балкони, тремови и тераси, поврзани со услужни објекти како ресторани, барови и кафулиња, треба да станат зони без чад.
Јавните транспортни центри, вклучително и автобуските постојки и аеродромите, исто така ќе бидат покриени со ова, а пушењето исто така ќе биде забрането во отворени области поврзани со работните места, болниците и во домовите за стари лица. Вклучени се и рекреативните области, каде што се присутни деца, вклучувајќи јавни игралишта, забавни паркови, базени и зоолошки градини, како и образовни објекти од градинки до универзитети.
Ревидираните упатства се дел од поширокиот план на Комисијата за борба против ракот, чија цел е да се постигне генерација без тутун до 2040 година, да се намали употребата на тутун за 30 % до 2025 година и да се намали процентот на пушачи во ЕУ на само 5%.