Првиот чартер лет како дел од најновата офанзива за депортација на германската влада полета пред две недели за Авганистан. Вториот вчера од Хамбург до Белград и Скопје. Според весникот „Билд“, во него имало 36 лица, главно државјани на Србија и Косово, на кои им било одбиено правото на азил или поради некоја друга причина немаат право да останат во Германија. Меѓу нив има и осудени криминалци.
Чартер-летот на полската компанија Ентер Ер го изнајми најсеверната германска сојузна покраина Шлезвиг-Холштајн, па се претпоставува дека депортираните биле регистрирани во таа покраина.
Но, за разлика од чартерот за Кабул на крајот на август, овој лет не е сензација, пишува „Дојче веле“. Додека депортациите во Авганистан се контроверзни бидејќи германската влада нема дипломатски врски со талибанската влада во Кабул и организациите за човекови права укажуваат на лошата ситуација во Авганистан, чартерот во Белград и Скопје се чини дека е прашање на рутина.
На лошата состојба со човековите права, особено кога станува збор за Ромите, предупредуваат и организациите за човекови права во случајот на Западен Балкан, но само во првиот квартал од оваа година германските власти веќе депортирале 795 лица во Србија и Косово.
Германската влада претходно воведе т.н правило за земјите од Западен Балкан што овозможува полесно вработување на граѓаните на овие земји. Правилото кое бара само договор за вработување од германски работодавач, се покажа како успешно и германската влада го продолжи на неодредено време во јуни оваа година.
По изборните успеси на екстремно левичарските и десничарските партии кои се залагаат за ограничување на нерегуларната миграција, се зголеми притисокот врз федералната влада да го исполни ветувањето за интензивирање на депортацијата на луѓето кои немаат право да останат во Германија. За притисокот придонесе и тоа што напаѓачот што ги нападна посетителите на градскиот фестивал во Солиниген во август, убивајќи три и тешко рани десетина лица, е Сириец кого властите не успеаја да го депортираат во Бугарија.
Одвреме-навреме во германските медиуми се појавуваат приказни за луѓе кои по долги години и повеќекратни депортации во земјата на потекло, се враќаат во Германија за да се обидат да добијат статус на престој.
Последниот медиумски случај е протерувањето на Ром од Србија, кој беше протеран од властите во Вајблинген, јужна Германија, и покрај тоа што неговите пет малолетни ќерки живеат во Германија, од кои четири се германски државјани.