Компјутерџиите дефинитивно ги претркаа со платите банкарите, кои долги години важеа за најдобро платени работници во државата. Според Државниот завод за статистика, во октомври годинава, кога просечната нето плата по вработен во државата достигна 24.817 денари, компјутерските програмери и консултантите во просек земале по околу две ипол просечни плати или 59.443 илјади денари.
Тоа е и најголемата просечна плата во државата исплатена во октомври.
За разлика од нив, истиот месец на банкарите им биле поделени “само” по 42.637 денари. Овие доскорешни шампиони според платите во октомври се спуштени на четвртото место. Веднаш зад компјутерските програмери се вработените во воздухопловниот транспорт, каде просечната плата надминува 46 илјади денари, а трети се вработентие во фармацијата со просечни примања од 44,6 улјади денари. Врвната петорка ја заокружуваат вработените во телекомуникациите кои во просек заработуваат по околу 40.000 денари.
За разлика од вработените кои ги програмираат, оние кои ги поправаат компјутерите земаат два ипол пати помалку, или по 23.451 денар. Сличен е и соодносот меѓу платите на вработените во воздухопловниот и во патниот транспорт. Првите се меѓу врвната петорка, а вторите со нешто над 18.600 денари се под просечната плата во државата.
Најбараните високообразовани кадри го државата, инженерите од разни струки за малку ја надминуваат просечната плата во државата. Во просек се платени со по околу 25.000 денари. Во секторите со голем број вработени, како градежништвото и трговијата просечната плата изнесува 23.381, односно 25.691 денар.
Најниски и понатаму се платите во земјоделството, шумарството и рибарството, каде просекот изнесува малку над 19.000 денари. Во тој сектор најлошо стојат рибарите, чиј просек е речиси еднаков со загарантираниот минималец во државата. На нивните сметки во октомври биле префрлени во просек по 12.711 денари.
Во октомври најниската плата во државата е половина од просечната во државата и е четири ипол пати помала од најголемата.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во октомври годинава просечната месечна исплатена нето-плата по вработен споредено со октомври лани се зголемила за 6,3 проценти. Ваквото зголемување се должи, пред се, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите рударство и вадење на камен (22.2 %), информации и комуникации (18.7 %) и преработувачка индустрија (11.0 %).
Во однос на септември годинава, во октомври зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен има во секторите рударство и вадење на камен (5.1%), административни и помошни услужни дејности (3.9 %) и други услужни
дејности (3.8 %).
skopjeinfo.mk