Два земјотреси за само неколку дена во Скопје и околината. Постои ли ризик од нови, посилни потреси со оглед дека Скопје е познато како трусно подрачје?
Може ли историјата од 1963 година кога се случи разорен земјотрес во Скопје да се повтори?
На оваа тема постојано има стручни ставови и експертски мислења.
Нема простор за паника е ставот на повеќето упатени во овој потенцијален проблем за Скопје.
Според експертите, градењето по земјотресот во 1963 година, па се до ден денес се одвива по специјални планови каде дури и земјотресот да се повтори, Скопје ќе продолжи да постои и нема да ги има тие катастрофални последици, како од пред 59 години.
Секако, во такво сценарио ќе има и оштетени згради, но доколку се почитуваат првилата и прописите за градење, штетата ќе биде мала, а скопјани нема да треба да паметат уште еден кобен ден за градот што е срце на нашата земја.
Михаил Гаревски, научник и директор на Институт за сеизмички отпорни гради и климатски промени (ИСОГКП) претходно има изјавено дека градбите кои се изградени во нашата земја по 2014 година се посигурни бидејќи се градат според нови законски одредби кои бараат придржување кон построги правила за градба, и кои се контролирани за отпорност при потреси.
Влатко Шешов, директор на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија, минатата година во обемно интервју објасни дали може да се предвидат земјотреси.
- Науката нема интерес да предвидува, иако однапред знае каде каде може да се случат земјотреси, бидејќи постојано со инструменти ги следи движењето на земјината кора, но е многу несериозно, неодговорно, непринципиелно и не е базирано на факти да се каже дека може да се знае кога ќе се случи потрес, вели тој.
- Треба да работиме на тоа како да обезбедиме да се почитуваат техничките прописи, да имаме современи сознанија како сеизмички изолации и слично. Земјотресите ќе си се случат, а ние треба да си ги припремиме нашите згради да бидат ОК и нашите домови да бидат добри за да бидеме сигурни, додава Шешов.